Гледањето видеосодржини на интернет станува сѐ попопуларно насекаде низ светот. Но, ваквите услуги често се поврзуваат со користењето енергија, а со тоа и со испуштањето јаглероден диоксид преку уредите, инфраструктурата и податочните центри. Сепак, и покрај големиот број написи што предупредуваат за негативното влијание на користењето вакви услуги врз околината, реалното влијание врз климата не е големо во споредба со други активности и индустрии.
Користејќи анализа од Меѓународната енергетска агенција и други извори, „Ви форум“ пишува за погрешните претпоставки што ги правиме на оваа тема. Имено, написите во медиумите посочуваат кон испуштања на јаглероден диоксид и до 60 пати поголеми од реалниот број. Релативно слабото влијание на гледањето видео на интернет е резултат на брзите подобрувања во поглед на енергетската ефикасност на податочните центри, мрежите и уредите.
Фото: Pixabay
Сепак, одредени фактори, како долгорочните ефекти и новата побарувачка, отвораат сѐ повеќе прашања за целокупното влијание на секторот врз околината во следните децении.
Повеќе неодамнешни написи во светските медиуми тврдат дека испуштањето штетни гасови како последица од гледање 30-минутна содржина на „Нетфликс“ (1,6 килограм јаглероден диоксид) е еднакво на возењето речиси 4 милји (6,4 километри). Овие податоци се наоѓаат во извештај од француската организација „Шифт проџект“
објавен во јули 2019. Според извештајот, гледањето видео на интернет предизвикало во атмосферата да се испуштат 3,2 килограми јаглероден диоксид во еден час, односно над 300 милиони тони јаглероден диоксид во 2018 година. Тоа е еквивалентно на испуштањето јаглероден диоксид на цела Франција во една година.
Според едно истражување во 2014 година, гледањето видео во САД во 2011 година предизвикало испуштање на 0,42 килограми јаглероден диоксид во еден час. Но, енергетската ефикасност на податочните центри и мрежите се подобрува двојно секоја година и денес би требало да биде помала. Според извештајот на „Шифт проџект“, со гледањето содржини на „Нетфликс“ се трошат 370 терават-часа енергија годишно. Ова е 800 пати повеќе од она што го тврди „Нетфликс“ (0,45 терават-часа во 2019) и речиси двојно повеќе од проценетото користење на електрична енергија од сите податочни центри во светот (198 терават-часа во 2018).
Според написот на „Ви Форум“, процените на анализата на „Шифт проџект“ имаат недостатоци кои водат до погрешните бројки. Меѓу другото, тие посочуваат дека извештајот содржи погрешни бројки за количеството податоци што се пренесуваат секоја секунда, како и за електричната енергија што ја трошат податочните центри.
Фото: Pixabay
Од друга страна, во извештајот е погрешна процената и за трошењето енергија на уредите. Според написот, со гледањето видео на „Нетфликс“ во 2019 година просечно се трошат 0,12-0,24 киловати електрична енергија за еден час, односно 25 до 53 пати помалку од процената на „Шифт проџект“.
Секако,
трошењето енергија се разликува помеѓу уредите. Па така, 50-инчен ЛЕД-телевизор троши повеќе енергија од мобилен телефон (100 пати повеќе) или лаптоп (5 пати повеќе). Гледањето содржини преку 4Г-мрежа троши околу 4 пати повеќе електрична енергија отколку преку ви-фи.
Така, со гледањето едно видео кое трае еден час преку телефон на ви-фи се трошат само 0,037 киловат-часа енергија, односно 170 пати помалку од процената на „Шифт проџект“. Просечното гледање видео од половина час на „Нетфликс“ е еквивалентно на возењето околу 200 метри со автомобил кога станува збор за испуштањето на јаглеродниот диоксид.
Извор:
Weforum.org