X
 24.03.2018 Живот

Повторно во пораст еден од најголемите проблеми на човештвото


Оџаци и чад од индустриски капацитети
(Фото: Pixabay)


По тригодишната стагнација, испуштањето на штетниот јаглероден диоксид, поврзан со производството на енергија, повторно е во пораст во 2017 година, соопштила во четвртокот Меѓународната агенција за енергија (IEA). Новата вест потврдува дека светот не вложува доволно напори во борбата против климатските промени.

Поради брзиот стопански раст, глобалната побарувачка на енергија минатата година пораснала за 2,1 отсто, констатирала агенцијата во својот најнов извештај.

Околу 70 проценти од зголемената побарувачка се намируваат преку фосилните горива – нафта, плин и јаглен – поради што испуштањето на јаглеродниот диоксид поврзано со производството на енергија пораснало за 1,4 отсто на глобално ниво, по три години стагнација. Остатокот од зголемената побарувачка главно се намирува од обновливите извори.

„Значајниот пораст на глобалната емисија на јаглероден диоксид поврзан со производството на енергија во 2017 година ни зборува дека моменталните напори во рамките на борбата против климатските промени ни оддалеку не се доволни“, констатирал извршниот директор на IEA, Фејт Бирол, во соопштението.

„На пример, драматично ослабело темпото на подобрување на глобалната енергетска ефикасност, со оглед на тоа што творците на мерките ставиле помал акцент на тоа подрачје“, додал Бирол.

Вкупното зголемување на емисијата на јаглероден диоксид ги потиснало во втор план значајните подобрувања во поедини земји, вклучувајќи го и големиот загадувач САД, кој забележал најголем пад на штетна емисија благодарение на зголемената употреба на обновливите извори на енергија.

Емисиите се намалени и во Велика Британија, Мексико и во Јапонија, истакнува агенцијата. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот