X
 01.01.2024 Живот

Посакуваме пополни училишни клупи, квалитетно образование и подобро општество за младите! Среќна Нова година!

Ако светот останува на младите, можеби треба да се запрашаме на кого ќе ја оставиме нашата земја. Поминавме уште една година пишувајќи за сите големи македонски умови избегани по светот, кои успеале таму да ги остварат своите соништа. Поминавме уште една година пишувајќи за придобивките што другите земји им ги нудат на нашите студенти. Уште една година ни помина без интерес за студирање физика, математика и други наставни насоки. Уште една година чекавме да почне реновирањето на студентските домови. Повторно известувавме за драстичниот пад на наталитетот, за малиот број првачиња, за малкуте матуранти во градовите во внатрешноста, за огромниот пад на бројот на средношколци, за проблемите во образованието, за проблемите со новата концепција, за лошите резултати на ПИСА...

Сепак, сето тоа го заборававме кога ќе објавевме приказна за успех на нашите мали гении на олимпијадите, за студентите кои со врвни оценки ги завршуваат студиите и решаваат да останат и да градат кариера во Македонија, за амбициозните, за неуморните. Се радувавме и постојано велевме браво и за оние што на зборот Македонија му даваат синоним ум, оние што неуморно го освојуваат светот и нѐ претставуваат во најдобро светло.

Поминавме уште една година со глобална криза, можеби не со жестока пандемија или ригорозна криза за струја, но со војни, многу човечки жртви, хуманитарни катастрофи и големи економски последици кои, нормално, не нѐ одминаа.

Широко ја отвораме вратата за новата година и се надеваме на здравје, мир и стабилност во целиот свет, па и кај нас. Полни сме со надеж дека училишните клупи ќе бидат пополни, дека нема да изгубиме верба и ќе се трудиме да го направиме нашето општество подобро и попривлечно за младите - оние на кои останува светот.

Тимот на Факултети.мк ви посакува среќна и бериќетна Нова година!
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот