X
 24.08.2023 Наука

Луѓето што почесто пцујат се брутално искрени, покажува истражување

Постојат два типа луѓе на овој свет: оние што мразат пцости и оние што употребата на пцостите ја претворија во уметничка форма. Ако повеќе сте насочени кон вториот тип, веројатно не се плашите да го признаете тоа - и благодарение на малата помош од науката, знаеме зошто.

Студија спроведена од меѓународни истражувачи од „Стенфорд“, Универзитетот во Кембриџ, Универзитетот во Мастрихт и Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг посочува дека луѓето што користат пцости „како добро утро“ се поискрени.

За првиот дел од студијата, истражувачите спровеле интервјуа со 276 испитаници, регрутирани на „Амазон механикал турк“, за да дојдат до нивните навики кога станува збор за пцуењето: нивните омилени пцости и колку често ги користат и колку се искрени, поставувајќи им прашања како: Дали некогаш сте лажеле во игра? и Дали некогаш сте обвиниле некого за нешто што е ваша вина? за да се утврди нивната доверливост. Ако некој одговори на сите прашања на начин на кој општеството смета дека е општествено прифатливо, истражувачите во суштина би можеле да утврдат дека личноста лаже, бидејќи никој не е цело време добар.

Следно, тимот ги анализирал ажурирањата на статусот на речиси 74.000 фејсбук-корисници, барајќи јазични показатели за измама, како што е употребата на помалку заменки во трето лице и повеќе негативни зборови.

- Конзистентните наоди низ студиите покажуваат дека позитивната врска помеѓу вулгарноста и искреноста е силна и дека врската пронајдена на индивидуално ниво навистина се преведува на ниво на општеството - заклучува студијата.

Иако на некои пцуењето им звучи непристојно, истражувачите го гледаат повеќе како искрен облик на изразување - не лутина или злоба, утврдувајќи дека колку повеќе пцости ќе излезат од устата на една личност, толку е поголема веројатноста таа да биде искрена бидејќи самото пцуење е форма на искрен разговор.

- Пцуењето е негативно социјално однесување кое се смета за лоша работа, па ако некој пцуе, веројатно е и лоша личност. Од друга страна, тие не го филтрираат својот јазик, па веројатно не ги ставаат своите приказни за тоа што се случува низ филтри кои би можеле да ги претворат во невистини. Тоа го откривме во оваа студија, дека луѓето кои го користат јазикот што прв им паѓа на ум имаат помала веројатност да играат игри со вистината - изјави Дејвид Стилвел, коавтор на студијата.

Не е првпат истражувачите да навлегуваат во валкани разговори: студија од 2015 година објавена во „Ленгвиџ сајенсес“ утврди дека луѓето што пцујат многу може да поседуваат повисоки вербални способности, додека студија од 2009 година покажа дека пцуењето може да обезбеди ублажување на болката.

Извор: Mental Floss
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука