X
 01.02.2019 Економија

Во Бахреин доселениците заработуваат илјадници долари месечно

Во големо истражување на британската компанија за финансии и банкарство „ХСБЦ Експат“, чии резултати се објавени во текот на јануари и во кое учествувале повеќе од 22 илјади луѓе што работат надвор од своите татковини, второто место на листата со најдобри земји за работа за иселениците го освои Бахреин. Така, државата која има само еден и пол милион жители се најде веднаш зад Германија и пред популарните дестинации како Обединетите Арапски Емирати, Сингапур и Хонгконг.

- Во Бахреин има многу добри услови за луѓето што работат напорно - истакнува Алаа Нофал, кој од Јордан се преселил во Бахреин бидејќи, како што вели, станува збор за прекрасно место за живот и работа.

Тој таму прво се вработил како продавач на софтвер, а за само три години бил унапреден во директор на продажба во истата компанија. Денес тој има 37 години и е генерален менаџер за глобални операции за „01 Системс“, компанија која работи со сите водечки банки на Блискиот Исток и во Индија.

Десетиците илјади анкетирани во истражувањето ги оценувале светските држави врз основа на следните критериуми: баланс меѓу животот и работата, безбедност во работата, напредок во кариерата, придобивки за вработените и изгледите за заработка. Кога станало збор за Бахреин, околу 60 отсто од испитаниците истакнале дека работната култура е подобра отколку во нивната татковина, а Кралството Бахреин имало извонредни резултати во однос на безбедноста во работата, лична исполнетост и можности за напредок во кариерата.  

 - Високата плата е важен фактор при одлучувањето за селење во Бахреин - смета Џон Годард, шеф на „ХСБЦ Експат“, а на тоа ја додаде и можноста за рамнотежа во животот меѓу работата и слободното време и можностите за развој.

Само неколку месеци порано, во октомври 2018 година, „ХСБЦ Експат“ го стави Бахреин на петтото место на својата престижна листа со 20 најдобри места за живот на иселениците.

- Луѓето се чувствуваат сигурно во однос на своите работни места и поради тоа им се предани на своите работодавци. Покрај тоа, во Бахреин има добра мешавина од националности - истакнува Нофал, алудирајќи на големиот број националности што живеат во земјата.

Сепак, на работодавците тоа не им е важно и тие ги наградуваат работниците врз основа на нивните перформанси.

Освен со позитивна работна клима, Бахреин може да се пофали и со недостиг од данок на доход, како и со плаќањето на сместување, едукација и превоз за образованите работници кои сакаат да работат во оваа земја. Покрај тоа, повеќе од две третини од иселениците ги наведуваат и добрата заработка и бонусите на платата како дополнителен плус за работата во земјата во која гастарбајтерите заработуваат повеќе од дури 50 отсто од населението на Бахреин.

Иако платите варираат во зависност од секторот и позицијата на вработените, според податоците на магазинот „Галф бизнис“, работниците во Бахреин просечно заработуваат 7.867 долари месечно. Така, извршен директор на некоја мултинационална компанија може да очекува плата од околу 33.000 долари, адвокат околу 8.133 долари, работник во сектор за човечки ресурси во Бахреин заработува околу 7.438 долари, додека рецепционерот ќе добие многу помалку, околу 1.699 долари.

Покрај тоа, Бахреин се наоѓа во регион богат со нафта, па експертите од тоа подрачје се многу барани, а некои дури и се одлучуваат за живот во таа земја додека работат во источните делови од Саудиска Арабија, кои од Бахреин се оддалечени околу 25 километри.

Банкарството во оваа земја според важноста се наоѓа веднаш зад нафтената индустрија. Бахреин се свртува и кон финансиско-технолошките стартапи и други приватни инвестиции за кои се покажа дека се повеќе од погодна почва со оглед на тоа дека станува збор за мал пазар на кој може многу поедноставно и поевтино да се работи отколку во другите земји од регионот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија