X
 28.06.2024 Живот

Како да се стекнете со германски пасош?

Новиот Закон за државјанство се применува од 27 јуни 2024 година. Многу од дванаесетте милиони странци во Германија сега можат да аплицираат за германско државјанство.

Брза патека до државјанство


По пет години легален престој во Германија, странците можат да аплицираат за германско државјанство. Кога станува збор за т.н „посебни ефекти во интеграцијата“, добивањето државјанство е можно и по три години. Секој што може да покаже високо ниво на јазични вештини (ниво Ц1, со тоа и способност за течно изразување), волонтирање или особено добри перформанси на училиште или на работа, побрзо ќе добие германски пасош. Досега странците можеа да аплицираат за државјанство само по осум години престој во земјава.

Германската влада, која ја сочинуваат социјалдемократите, зелените и либералите, се надева дека ќе се зголеми бројот на луѓе што добиваат државјанство и дека тоа ќе создаде поттик за побрза интеграција. Стапката на добивање германско државјанство досега беше ниска во споредба со Европската Унија, но неодамна е зголемена. Опозицијата, која делумно е составена од десничарската екстремистичка Алтернатива за Германија (АфД) и конзервативните демохристијани (ЦДУ/ЦСУ), стравува дека германскиот пасош може да стане „отпад“.

Неопходен приход

Остануваат во сила досегашните предуслови за стекнување државјанство. Затоа, секој што сака да добие германско државјанство мора да може да се издржува. Таму ќе се заострат правилата, така што на оние со ниски примања ќе им биде потешко во иднина.

Нема пасош за расисти и антисемити

Посветеноста на слободниот демократски основен поредок на Основниот закон (Устав на Германија) веќе беше задолжителна за сите апликанти за германско државјанство.

Ова конкретно значи дека се исклучуваат антисемитски, расистички или други нехумани акти. Па дури и оние што одбиваат еднакви права на мажите и жените или живеат во полигамни заедници не можат да добијат германски пасош.

Двојно државјанство за сите

Оние што сакаат да станат Германци повеќе не мора да се откажат од претходното државјанство. Тоа значи дека повеќекратното државјанство е можно за сите мигранти. Претходно беше наменето само за луѓе од земјите на ЕУ. На овој начин, германската влада сака им излезе пресрет на луѓето што имаат блиски врски со нивната земја на потекло. Владата ја оправдува оваа одлука со ставот дека факторите како познавање на јазикот, образованието и посветеноста на демократијата се поважни за интеграција отколку друг пасош.

Децата побрзо можат да станат германски државјани

Децата од странски родители добиваат германско државјанство доколку едниот родител легално престојувал во Германија повеќе од пет години. Претходно тоа беше можно по осум години престој. Според истражувањето, децата со странски корени се поуспешни на училиште и на работа доколку порано добиле германско државјанство.

Но, новата регулатива не се применува ретроактивно. Тоа значи дека корист ќе имаат само децата родени по 27 јуни 2024 година.

Извор: 6yka.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот