Во обид оваа година да привлече повеќе посетители, Финска лансира уште една уникатна туристичка кампања: Изнајмете Финец. Претходно во 2016 година Финска ја лансира програмата „Фин Рилекс“ со која ги охрабруваше патниците да се ослободат од стресот преку процес од пет чекори. Во 2018 година таа ги привлече туристите нудејќи работа од соништата во која беше вклучено набљудување на аурора бореалис. Сега, тие сакаат да го спасат светот од стрес така што на туристите им овозможуваат да изнајмат фински водич за среќа и овозможуваат бесплатна посета на Финска. Целта? Туристите да научат за вистинска среќа и да ги искусат финските традиции и финската култура.
- Сакаме да обезбедиме патниците да имаат автентично искуство во Финска, прикажувајќи ја нашата поврзаност со природата и нашите посветени водичи за среќа. Изнајмувањето фински водичи ќе им овозможи на туристите да го почувствуваат финскиот живот, од еден прекрасен летен ден до пешачење низ шумите или престој во изолирана куќа со поглед кон езеро - вели Хели Јименез, директор во Меѓународниот маркетинг за бизнис во Финска.
Зошто Финска се фокусира на водич за среќа? Според истражувањето на ОН, Финска е најсреќната земја во светот делумно поради нејзината поврзаност со природата.
- Многу патници ја избираат Финска како дестинација поради нашата мирна природа и тишина. Правата на секој човек - правото на секој во Финска да ужива на отворено независно од тоа кој го поседува просторот е од фундаментално значење за нашата култура, а зеленилото е природен дел од нашиот живот. Децата играат надвор без оглед на тоа какво е времето. Голем дел од нашето слободно време го поминуваме во шума. Ова е еден од клучните моменти за нашата среќа, па „Изнајмете Финец“ е обид да го споделиме ова искуство со светот - вели Јименез.
Додека програмата „Изнајмете Финец“ нема да има понуда за набљудување на аурора бореалис затоа што е закажана за летото 2019 година, патниците повторно ќе имаат можност да уживаат во многу активности на отворено: пешачење, велосипедизам, риболов и многу други. Кампањата во моментов регрутира осум Финци кои треба да станат водичи за среќа, а патниците ќе можат да аплицираат почнувајќи од 18 март 2019 година за да добијат ваков водич. Посетата на
Финска ќе биде бесплатна.