Васка Цветкоска, медицинска сестра од Кичево, деновиве решила да изработи заштитни маски за да им помогне на луѓето од својот град. Вели дека е нескромно сама за себе да зборува, но сите што ја познаваат знаат дека ги сака луѓето.
- Го сакам семејството, искрените пријатели и сè би направила за да ги направам среќни. Треба да се биде добар човек, а не добар глумец. Никогаш не се штедам. Прекрасно е чувството да израдуваш некого. Кога нешто за некого си направил, исто како да си направил за себе и не треба со тоа да се фалиш - вели таа.
Таа маските ги шие веќе 2-3 недели. Помислила дека ги нема по аптеките, а се неопходни.
- Ако се сака, сè се може. Иако по професија сум медицинска сестра, има и други работи што ме интересираат, како шиењето, цртањето и некои други работи, па во сè се пронаоѓам. Дипломата е само парче хартија, образованието се гледа во однесувањето на човекот - вели таа.
„Радувајте се и на малите работи. Чувајте се!“, порачува Васка.