X
 30.10.2020 Здравје

Соба, кафуле и училница - колкави се шансите да се заразите со коронавирусот преку аеросоли?

Ризикот за зараза со коронавирусот е најголем во затворени простории, но тој може да се намали доколку се применуваат соодветни мерки за намалување на ширењето преку аеросолите. „Ел паиз“ направи илустрации што покажуваат колкави се шансите да се заразите со коронавирусот во три секојдневни сценарија.

Сценарио 1: Шест луѓе во дневна соба

Шест луѓе седат заедно во дневна соба, а едно лице е заразено. Во Шпанија се проценува дека околу 31% од заразените лица го добиле коронавирусот на овој начин.


По четиричасовно дружење, сите лица во просторијата ќе се заразат со вирусот доколку не носат маски, без разлика на дистанцата помеѓу нив.


Доколку присутните носат маски на лицето, четири лица ќе бидат во ризик да се заразат и маските нема да бидат доволни за заштита доколку се изложени на вирусот со часови.


Ризикот за зараза се намалува и помалку од едно лице веројатно ќе се зарази доколку сите присутни носат маски, седат заедно два часа, наместо четири, и просторот се проветрува.


Сценарио 2: Кафуле со намален капацитет

Кафулето работи само со половина капацитет. Има 15 гости и тројца вработени. Прозорците се затворени и нема вентилација.


Во најлошото сценарио, доколку не се преземаат никакви мерки, 14 гости ќе се заразат по 4 часа поминати во кафулето, доколку има едно заразено лице во него.


Доколку сите постојано носат маски, веројатно е дека ќе се заразат осуммина.


Доколку кафулето се проветрува, што може да се направи со добар систем за климатизација, и времето поминато во кафулето е скратено на 2 часа, веројатно само едно лице ќе се зарази.



Сценарио 3: Училница со 24 ученици

Најлошото сценарио ќе се случи кога училницата нема систем за вентилација и наставникот е заразен со коронавирусот.


Постои ризик да се заразат 12 ученици по два часа поминати во училницата без никакви мерки.


Бројот на ученици што може да се заразат се намалува на 5 доколку сите носат маски.


Ризикот драстично се намалува доколку училницата се проветрува во текот на часот и ако се прават паузи по секој час.


Извор: elpais.com
Фото: elpais.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје