X
 22.01.2021 Здравје

Која е разликата помеѓу обичните маски и маските ФФП2?

Како што се шират новите соеви на коронавирусот низ Европа, властите ги засилуваат мерките за безбедност. Франција ги предупредила граѓаните дека маските за лице направени дома не обезбедуваат доволна заштита, а во Баварија сега се задолжителни маските ФФП2 при користење на јавен превоз и во продавниците. Оваа мерка ќе биде воведена и во Австрија од 25 јануари.

Што ги прави овие маски подобри од обичните?

Докторот Сајмон Колсто го одговари ова прашање за „Јуроњуз“. Колсто објаснува дека постојат маски кои го спречуваат исфрлањето на капки и со тоа ги заштитуваат лицата во близина. Ова се маските од обични материјали или хируршките маски. Овие маски не го заштитуваат доволно лицето што ја носи маската.

Од друга страна, маските ФФП го заштитуваат оној што ја носи маската со спречување на влегување на мали честички. Маските ФФП2 го спречуваат вдишувањето на најмалку 94% од аеросолите. Тие се слични на маските Н95, кои го спречуваат вдишувањето на најмалку 95% од аеросолите. Ова се маските кои најчесто ги носат вработените во болниците или лабораториите.

- Секој што работел во вакви институции знае дека не станува збор за едноставно ставање маска. Потребно е и вежбање, носење нараквици, носење соодветна опрема, миење на рацете, соодветно ракување со предметите - вели Колсто.

Тој додава дека јавноста не е доволно обучена за користење на заштитата, па затоа овие маски можеби и нема да бидат толку ефективни како во професионалните институции.


Фото: Pixabay

Доколку овие маски се подобри, зошто тоа не им било кажано на луѓето порано?

На почетокот на пандемијата, властите низ светот биле загрижени дека нема да има доволно маски за здравствените работници, па од јавноста се барало да носат каква било заштита, објаснува Колсто.

Сега фабриките произведуваат повеќе вакви маски и тие се подостапни, па властите започнале да ги охрабруваат сите да ги носат. Колсто порачува носење на овие маски во јавност, иако тие веројатно не се толку ефективни како во лабораторија.

Што со маските ФФП со вентили?

Маските со вентили не би требало да се користат на јавни места на кои има многу луѓе, вели Колсто. Некои маски имаат вентили за филтрација на воздухот, но некои од овие маски може да исфрлат заразени аеросоли со воздухот што се издишува.

Најважно е да се одбегнуваат метежи и близок контакт со луѓе, особено во затворени простории, за време на пандемијата, заклучува Колсто.

Автор: Натали Хует
Извор: euronews.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје