Од иницијативата „Аудиција сега“ почнаа да го креираат регистарот со имиња на невработени лица од театарската фела, а следната недела ги очекува и состанок со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на кој ќе ги изложат своите барања и предлози за решавање на овој проблем
Над 100 дипломирани театарски работници (актери, режисери, продуценти, драматурзи) се невработени во својата струка, некои од нив со години, соопштуваат од иницијативата „Аудиција сега“. Според нив, неофицијалната бројка е минимум 160 театарски дипломци и токму поради растот на овој проблем, тие решија да ја покренат оваа иницијатива со цел конечно да се најде решение на растечкиот број на театарски кадар кој е без работа. Од „Аудиција сега“ почнаа да го креираат регистарот со имиња на невработени лица од театарската фела, а следната недела ги очекува и состанок со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на кој ќе ѝ ги изложат своите барања и предлози за решавање на овој проблем.
- За овој горлив проблем со огромниот број на невработени театарџии се говори со години наназад, меѓутоа, никогаш досега не сме се организирале заедно да го кренеме нашиот глас. Сѐ се сведуваше на некоја индивидуална борба, од која ретко кога излегувавме како победници. Така беше сѐ додека група млади театарџии (актери, режисери, продуценти, драматурзи) со нивниот заразен ентузијазам, не одлучија да нѐ организираат за заеднички да го направиме првиот чекор кој би нѐ насочил кон остварување на нашите основни потреби, барања и конечно, валидација и валоризација на нашиот труд, талент, можности и знаења - вели Марина Поп Панкова, дипломирана актерка на ФДУ во 2002 година.
- Според последните информации, бројката на сите невработени или невработени по струка театарџии, кои активно учествуваат или, пак, се само потписници на иницијативата, е речиси 100 луѓе. За жал, сè уште не знаeмe точна бројка на театарските уметници што активно учествуваат на независната сцена. Според нашите непотврдени статистики, имаме минимум 160 театарџии - додава Томислав Давидовски, дипломиран актер на ФДУ во 2019 година.
Според „Аудиција сега“, има неколку потези кои може да ги повлече државата со цел да се реши или барем ублажи овој проблем. Нивните главни барања се да се формира работна група со претставници од државните и приватните драмски академии во земјава, невработени театарџии и претставници од националните установи театри и центри за култура, кои ќе работат на креирање стратегија за отворање нови работни места.
Потоа, отворање нови работни места во театри и центри за култура во следните две години, за вработување минимум 60 % од невработените дипломирани театарски работници, државјани на Македонија. Во секоја национална установа театар и центар за култура да се ангажира најмалку еден невработен актер во секоја театарска претстава, која не е монодрама или дуодрама. Исто така, да се обезбеди ангажман на по еден невработен театарски режисер, секоја година, во рамките на планираната Годишна програма на овие установи.
Последното барање се однесува на ревизија на критериумите и приоритетите, врз чија основа ќе се оценуваат проектите поднесени во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес (во категоријата „други корисници“). Тука спаѓа и барањето за зголемување на буџетите за оваа категорија на проекти, како и бројката на ангажирање невработени театарџии во нив.
За наведените актуелни прашања, Факултети.мк разговараше со „Аудиција сега“, со нејзините претставници Марина Поп Панкова и Томислав Давидовски. На прашањето дали сметаат дека државните театри имаат потреба и капацитет да ги згрижат сите овие невработени театарски работници или за наоѓање алтернативни решенија, тие велат:
- Како што наведовме во нашата листа со барања, постојат повеќе центри за култура во кои може да се создадат нови ансамбли од актери, режисери, продуценти, драматурзи кои ќе работат институционално. Што се однесува до театрите, сведоци сме и на огромен генерациски јаз во речиси сите ансамбли во државата. Сведочиме и на гаснење на работните места, откако некои колеги ќе заминат во пензија или во странство. На секој ансамбл му е потребна свежина, а таа нова енергија носи не само поинаква репертоарска политика, туку и нова, потенцијално верна театарска публика.
На прашањето дали во интерес на намалување на проблемот во иднина треба да се ограничи приемот на театарските академии (студии), односно да нема секоја година прием на нови студенти, Поп Панкова и Давидовски велат:
- Можеби и тоа е еден дел од решавањето на проблемот. Доколку ресорното министерство години наназад се грижеше за културните дејци, секако дека сега не би размислувале на оваа тема и немаше да стигнеме до овој број на невработени.
И театрите на народностите одвреме-навреме се соочуваат со проблемот на невработеност, но, за среќа, умешно го надминуваат и ние имаме многу мал број невработени колеги од албанската или турската класа на актери. Но, приемот на актери во овие две класи на Факултетот за драмски уметности во Скопје, конкретно, се врши на секои четири години. Поради ова, како иницијатива, бараме да се формира работна група во која ќе учествуваат сите засегнати страни со свои претставници (професори од академиите, театарџии, директори на НУ, претставници од министерството) за да се решат тековните проблеми и да се избегне нивното продлабочување.
За тоа дали гледаат потреба во реаудиција во театрите на веќе постојниот кадар, на пример, еднаш годишно, како и промена на начинот на аудицирање при прием во една установа, Поп Панкова вели:
- Секако, начинот на аудиција не може да биде ист за сите. Мора да се земат предвид и годината на дипломирање, биографијата, бројот на изиграни улоги, колку од тие улоги се главни, колку споредни, и можеби најважното, особено за помладите колеги - мотивацијата и подготвеноста да се работи во ансамблот каде што се пријавиле на аудиција. Бидејќи се случувало одреден актер, откако ќе биде вработен, да сфати дека не може да функционира во тој ансамбл и обратно, ансамблот не може да го прифати тој актер/ка и тоа од самиот почеток е пропадната инвестиција. И тука нема да помогне ниту една реаудиција. Бидејќи коегзистенцијата на сцена или ја има или ја нема. Не може вештачки да ја создадеме.
Факт е дека голем дел од вработените актери немаат заиграно со години. Како може да се реши тој проблем и како тоа да се избалансира со новите вработувања за кои се залагаат, Поп Панкова и Давидовски сметаат:
- Не само актери, има и режисери и драматурзи или продуценти кои ги немаат исполнето работните обврски со години. Можеби треба да се направат реаудиции на веќе вработените кадри. Жалосно е што директорите или, пак, луѓето кои управуваат со националните установи не посетуваат претстави од независната сцена, или пак, испити кои се играат на академиите во нашата земја. Тие не се запознаени со каков иден кадар располагаат и кога ќе дојде време да се појавиме на тие аудиции, за нив сме тотални странци.
Околу следните чекори по лансирањето на иницијативата и на каков исход се надеваат од ова движење, тие велат дека следниот чекор е средба со министерката Костадиновска-Стојчевска, која е веќе закажана и треба да се случи следната недела. Се надеваат на изнаоѓање разумен модус со кој сите засегнати страни би се чувствувале како победници.