Карактеристично за овогодишниот алманах е што секој ученик има слика од неговата „еволуција“ низ средношколските години
Алманахот на прилепските матуранти-графичари е многу повеќе од фотоалбум со испишани пораки од типот „прва во клупа седеше и само петки редеше“, вели наставникот Александар Костадиноски, кој веќе шеста година по ред заедно со учениците од графичката струка при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп го изработува алманахот.
Карактеристично за овогодишниот е што секој ученик има слика од неговата „еволуција“ низ средношколските години. Практично концептот на алманахот го смислиле уште кога учениците биле прва година. Кој каква фризура имал во текот на годините, колку пораснал и како му се изменил ликот. Сè е документирано во овој креативен алманах.
Четиригодишната дружба на учениците низ фотографии
- Со овој алманах сакавме да ги прикажеме учениците како се менувале во текот на годините. Имаме фотографии од секој од нив во секоја учебна година. Притоа, секој кажува некоја порака што го опишува, некој негов лајтмотив. Не мора да е негова, може и од познат автор, но само да му е блиска - објаснува наставникот.
Костадиноски, всушност, секој час со учениците го почнува со некоја позната мисла или цитат, за која потоа барем 15-ина минути разговараат. Прекрасен почеток на часот, кој ги мотивира да прават добри работи за себе и за другите.
Професорот Костадиноски им бил ментор при изработката, но дизајнот и идејата се комплетно на учениците. Фотографиите им ги направил Христијан Николоски, а алманахот им го испечатиле во „Iprint“, Прилеп.
Селфи со професорот Костадиноски
Самата работа на алманахот е практична работа за овие ученици бидејќи го изработуваат со техники што ги учат во текот на школувањето. Фотографијата се изучува при фотографска секција, а дизајнот е во рамките на предметите графички дизајн и практична настава.
Класот годинава брои 30 ученици.
Ова се нивните спомени од средношколските денови: