Латинска Америка, заедно со САД, со недели е епицентар на пандемијата. Но, секое правило има свој исклучок - а во овој случај тоа е Уругвај. Во споредба со многу други земји од Латинска Америка, малата земја може да се пофали со одлични резултати.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, од 13 март, кога почна епидемијата, Уругвај имал само 1.516 заразени и 42 смртни случаи. Која стратегија ја спроведува Уругвај за да се избегне кризата со која се соочуваат нејзините соседи?
Експертите потенцираат дека тоа се должи на различни фактори и дека, како што е често случај во борбата против епидемиите, тие не се ограничени само на полето здравство.
- На почеток, клучна беше желбата за национално единство. Сите клучни актери се собраа да се борат со пандемијата сеопфатно - вели Џовани Ескаланте, претставник на Панамериканската здравствена организација во Уругвај. Покрај тоа, Уругвај отсекогаш имал добар систем на активен епидемиолошки надзор.
„Невиден консензус“
Гонзало Мораторио, професор на Факултетот за наука на Универзитетот на Републиката, вели дека постои невиден консензус меѓу носителите на политиките, науката и академијата. Ова им ја олеснило работата на експертите за пандемија - аспект што другите држави го занемариле.
Според истражувањето објавено пред неколку дена, во првите три месеци од пандемијата во Уругвај во синџирот на пренесување на зараза немало повеќе од пет врски. Во повеќето случаи синџирот на пренесување бил запрен по втората алка.
Ескаланте вели дека Уругвај се здобил со огромно искуство во борбата против епидемијата на мали сипаници што се случи во 2019 година. Потоа, властите одговорија со сеопфатна програма за вакцинација и успеаја да ја стават ситуацијата под контрола.
Фото: Pixabay
Амбициозна здравствена политика
Но, епидемиолошкиот надзор е само дел од силниот здравствен систем за кој и двајцата експерти веруваат дека дејствува како жив ѕид.
- Станува збор за еден од најотпорните здравствени системи во Латинска Америка - вели Ескаланте.
Политичкиот консензус за социјалното значење на ваквиот здравствен систем објаснува зошто ги преживеал сите политички подеми и падови.
- Во
Уругвај постои мислење дека парите за здравствена заштита не се трошоци, туку инвестиции - објаснува претставникот на Панамериканската здравствена организација.
Покрај амбициозната здравствена политика, големи инвестиции има и во образованието и во социјалната политика. Уругвајскиот социјален систем е пример во регионот за области како што се грижа за мали деца, стари лица и лица на кои им е потребна нега. Покрај тоа, земјата беше прва во Латинска Америка што дозволи враќање во училиште, и покрај пандемијата.
Мала густина на населението
И на крај, но не и најмалку важно, демографијата на земјата игра важна улога. Гонзало Мораторио нагласува дека малата густина на населението во земјата влијае врз контролата на епидемијата. Густината на населението е нешто помалку од 20 лица на квадратен метар.
Покрај тоа, главниот град Монтевидео - дом на околу половина од вкупно 3,5 милиони жители на Уругвај - е град кој успеа да одржи баланс на зелената површина и бетонот и асфалтот во јавниот простор.
Правилата за растојание го обликуваат секојдневниот живот и во Уругвај. Дисциплината на населението досега беше таква што присилниот карантин беше излишен. Сепак, има и зголемување на осаменоста, депресијата и менталните болести.
И покрај успесите, ситуацијата може да се промени во секое време.
- Додека соседите, како Бразил, не се во можност да ја стават пандемијата под контрола, граничната соработка останува уште еден приоритет - вели Гонзало Мораторио. Еден од најголемите предизвици е подобрување на можностите за дијагностика и предупредување.
Уругвај е една од најмалите земји во Јужна Америка, но и една од најстабилните во однос на политичката и економската сфера. Се одликува со висока стапка на писменост на населението, голема средна класа и релативно рамномерна распределба на националното богатство.
Извор:
Deutsche Welle