X
 04.05.2018 Наука

Научниците на чекор до револуционерно откритие: лек против депресија

Научниците конечно успеале да откријат генска варијација што го зголемува ризикот од депресија, а токму ова откритие е важно за развој на нови лекови против оваа распространета ментална болест.

депресија
Фото: Profimedia

Новото истражување дава надеж за пронаоѓање лек за депресијата - научниците конечно успеале да ја откријат нејзината генска основа. Станува збор за варијации во ДНК што го зголемуваат ризикот од развивање депресија.

Депресијата спаѓа во групата ментални нарушувања што се сметаат за промени во расположението. Таа е тешка психо-физичка состојба проследена со многубројни несакани ефекти. Најчестите симптоми се повлекување во себе, потиштеност, тага, губење апетит, несоница, опсесија со црни мисли и самоубиствени мисли. Придружена е со чувство на безнадежност и беспомошност, а се третира со психотерапија во комбинација со антидепресиви што се даваат индивидуално - во зависност од видот и нивото на депресија што ја има личноста.

Болест од која страда секој четврти човек во светот


Тим од 200 научници ги анализирал генските податоци на 135.000 луѓе што страдале од депресија и 345.000 од оние што никогаш не ја искусиле. Оние што имаат генска предиспозиција за развој на оваа болест имаат дури 2,5 пати поголеми шанси да страдаат од болеста во текот на нивниот животен век. Истражувањето покажа дека овие луѓе се повеќе склони кон други ментални нарушувања, како шизофренија. Доктор Гером Брин, истражувач на Кралскиот универзитет во Лондон, вели дека ова би можело да биде голем чекор во развојот на третмани за лекување на депресијата и отворање нови опции за лекување на пациентите.

Токму ова откритие треба да доведе до подобро разбирање за тоа што точно ја предизвикува депресијата од која пати секој четврти човек. Претходните истражувања покажаа дека токму генетиката е виновна за 40 отсто од случаите на депресија во светот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука