Во периодoт од 6 август до 30 септември на територијата на Македонија 35.531 граѓанин биле позитивни на ковид-19, а од нив 23 % биле целосно вакцинирани, односно 8.233 лица, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму истакнуваат дека е голем бројот на невакцинирани граѓани што се заразиле со коронавирусот.
- Според статистиката за изминативе недели, 27.298, граѓани, односно 77 % од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 79 %, додека само 21 % од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани - стои во соопштението.
Од МЗ посочуваат дека анализите покажале оти смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.
Во период од 6 август до 30 септември на територија на државата починале 1.162 лица со ковид-19, 987 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 15 % примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас, како и пациенти што се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинацијата и апелира граѓаните да се вакцинираат.