X
 15.04.2021 Живот

Претходно Холанѓаните одеа во Белград за забава, а сега за вакцинирање

„Парти ин Белград“ е туристичка агенција од Ајндховен што правеше обиколки до српскиот главен град за сите оние што сакаа да си поминат убаво. Во Белград сега нема ноќен живот, но има вакцина за странци, па Холанѓаните повторно патуваат таму.

По известувањето на холандска телевизија за процесот на вакцинирање во Србија и за тоа дека странците исто така можат да ја примат вакцината, оваа туристичка агенција, во сопственост на Србинката Тања Марковиќ Затман и нејзиниот сопруг, Холанѓанецот Томас, е пренатрупана со покани и барања да организира патување во Србија. Тие се толку активни што постојано ги посетуваат медиумите за да им објаснат на луѓето таму како се одвива имунизацијата во Србија и како Холанѓаните можат да аплицираат за вакцинација во Србија.

- Постојано нè прашуваат дали можеме да организираме патување во Србија за вакцинирање, а во последните две недели успеавме да го организираме тоа за 15 лица - вели Тања.

А сè почнало случајно кога на нејзиниот сопруг му пришле двајца холандски државјани кои биле во Белград и сакале да се вакцинираат во Белград.

- Ги упативме до е-управа и така сè почна. Тие им пренесоа на своите пријатели, па нè контактираа и испративме 15 лица во Србија на вакцинација. Тоа беше викендот кога 22.000 странски државјани беа вакцинирани во Србија. Медиумите сега буквално нонстоп ни се јавуваат. Во последните два дена добивме повеќе од 300 барања - вели Тања.

Меѓу најзаинтересираните се компании кои сакаат организирано да ги испратат своите вработени да примат вакцина во Белград.

vakcina
Фото: Freepik

- Добивме покана од голема компанија која произведува обувки и облека. Оттаму разговараа за 400 нивни работници кои би биле испратени со авион во Србија и би го сториле истото за повторна вакцинација. Ни се јавуваат од средни до големи компании. Има луѓе кои нè прашуваат колку чини и за нас тоа е целосно надреална ситуација - вели сопственичката на туристичката агенција.

Сите се упатуваат на е-управа, а Тања вели дека сè зависи од тоа колку термини ќе добијат за вакцинација.

- Луѓето се уморни од оваа ситуација и се обидуваат да најдат начин да се вакцинираат за да можат да продолжат со нормален живот - вели Тања.

- Единствената опција што владата ја дава е вакцината на „Фајзер“. Холандската вакцина „Јаншен“ сè уште не е одобрена. Вакцинацијата оди бавно, сè уште не се вакцинирани медицинските работници и ризичните групи, не е кажано кога може да се вакцинираат и со која вакцина. Затоа многумина одлучија да ги земат работите во свои раце - објаснува Тања.

Реакцијата на Холанѓаните што веќе биле во Србија и се вакцинирале  е одлична и имаат само пофалби за професионалниот пристап на местата за вакцинација и им се допаднала самата земја.

Тања трипати се заразила со вирусот и сега планира да ја прими вакцината.

- Би се вакцинирала, но мислам дека можам да чекам. Мојот сопруг, исто така, се разболи од Ковид-19, имаме некаков имунитет, така што за половина година можам да се вакцинирам - вели таа.

И Австријците како „вакцина-туристи“

Откако неодамна неколку илјади граѓани од поранешните југословенски републики отидоа во Србија да се вакцинираат, полека пристигнуваат странци од Европската Унија. Меѓу нив е и новинарка од Виена.

- Го избрав Белград. Летот од Виена до Белград трае околу еден час. Во едно од полињата можете да изберете која вакцина ја сакате - објаснува новинарката на австриски портал, Амра Дуриќ.

Во Австрија има недостиг на вакцини, тврдат локалните медиуми и посочуваат дека она што го има малку во Австрија, го има во изобилство во Србија.

- Аплицирав бесплатно преку страницата euprava.gov.rs. Формуларот за регистрација се пополнува онлајн, но го има само на кирилица. Мајка ми ми го преведе, но ако немате некој што знае кирилско писмо, можете да користите „Гугл транслејт“, тоа функционира - наведува Амра.

Извор: Noizz.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот