Португалскиот здравствен систем беше пред колапс. Болниците во главниот град Лисабон беа преполни и властите бараа од луѓето да се лекуваат дома. Во последната недела од јануари речиси 2.000 луѓе починаа од вирусот.
Програмата за вакцини во земјата беше во хаос, па Владата ги насочи сите надежи кон потпретседателот Хенрике Гувеја е Мело, поранешен командант на ескадрила за подморници.
Осум месеци подоцна Португалија е меѓу светските лидери во вакцинација, со околу 86 отсто од нејзиното население (10,3 милиони) целосно вакцинирани. Околу 98 отсто од сите што ги исполнуваат условите за вакцини - значи секој над 12 години - се целосно вакцинирани, рече Гувеја е Мело.
- Веруваме дека стигнавме до точка на групна заштита и колективен имунитет. Работите изгледаат многу добро - рече тој.
Во петокот Португалија ги укина речиси сите ограничувања. Има голем пад на бројот на нови случаи, на околу 650 дневно, и многу малку смртни случаи.
Многу западни нации имаа среќа да имаат огромно количество на вакцини, иако околу 20 отсто од нивното население и понатаму останува незаштитено. Така, другите влади гледаат во Португалија за можни сознанија и внимателно набљудуваат за да видат што ќе се случи кога речиси секој подобен човек за вакцина ќе се вакцинира и ќе биде заштитен.
Сепак, Португалија во иднина може да забележи неуспех бидејќи делта-варијантата продолжува да се шири на глобално ниво.
Имаше загрижувачки знаци од Израел и од други места дека заштитата што ја нудат вакцините може да исчезне со текот на времето, а се шири и светската дебата за тоа на кого треба да му се понуди засилувачка доза и кога.
Фото: Freepik
Португалија наскоро може да почне да нуди засилувачка доза за постарите луѓе и за оние што се сметаат за клинички ранливи, рече Хенрике, кој е уверен дека до сите нив ќе може да се стигне до крајот на декември.
Но, во моментов, додека баровите и ноќните клубови работат, инфекциите се намалуваат, како и смртните случаи, а вакцинацијата во земјата успеа иако имаше многу пречки.
Истиот порој на дезинформации за вакцините ги наполни профилите на Португалците на социјалните мрежи. Земјата ја води малцинска левичарска влада, одраз на нејзините политички поделби. И, според анкетите на јавното мислење, имаше голем сомнеж во вакцините кога тие пристигнаа.
Заслужен е Хенрике за таа промена. Поради неговото искуство со комплицирани логистички предизвици во војската, во февруари тој беше именуван да ја предводи националната работна група за вакцинација.
Адмиралот одлучи да ја носи само неговата борбена униформа на многуте јавни и телевизиски настапи додека се обидуваше суштински да ја подготви нацијата во една колективна сила за борба против пандемијата.
Додека политичарите низ светот се повикуваа на слична воена реторика, тој рече дека е од клучно значење за неговиот успех тоа што нашироко се гледа дека е одвоен од политиката.
Тој брзо собра тим од околу триесет луѓе, предводени од елитни воени лица - вклучувајќи математичари, лекари, аналитичари и стратешки експерти од армијата на Португалија, воздухопловните сили и морнарицата.
На прашањето што можат да направат другите земји за да ги зајакнат сопствените напори за вакцинација, тој не се двоумеше да го понуди својот најдобар совет.
- Треба да најдат луѓе што не се политичари - рече тој.
Пред пандемијата, Португалија имаше среќа да има робусна национална програма за вакцинација. Тоа произлезе од катастрофалното искуство во земјата во борбата против детска парализа, која сѐ уште влијае врз земјата откако Гувеј е Мело беше роден во 1960 година. Тој се сеќава кога ќерката на семеен пријател се разболи од болеста и се сеќава на страдањата што следуваа.
Мануела Ивоне да Куња, португалски антрополог кој ги проучувал движењата против вакцинација, вели дека сомнежите за вакцини и антиваксерите се во малцинство во Португалија, и тие се исто така помалку гласни отколку во многу други земји.
Леонор Белеза, поранешен португалски министер за здравство, кој сега е претседател на медицинската фондација „Шампалимауд“, рече дека развојот на Португалија очигледно има корист од дисциплината што произлегува од номинацијата на воен офицер.
- Тој формулира комуникациска политика за тоа што се случува, што даде кредибилитет и доверба - рече таа.
Бидејќи работната група го осмисли најефикасниот систем за безбедно пренесување на повеќето луѓе низ центрите за имунизација, тие користеа војници за да изградат доверба во системот. Луѓето можеа да видат дека вакцините се безбедни откако војниците се вакцинираа.
Фото: Freepik
Додека другите земји вклучуваат лекари, медицински сестри, полицајци и војници во нивните кампањи за вакцини, Гувеја е Мело рече дека конзистентноста на пораките е критична.
Сепак, додека кампањата се префрли на помладите возрасни групи во текот на летото - со помалку од половина од јавноста вакцинирани - имаше знаци дека отпорот се зголемува.
- Во подморница - рече адмиралот - вие сте во бавен брод и се обидувате да фатите побрзи бродови.
- Треба да се позиционирате и да бидете паметни како да го направите тоа и да ја искористите можноста кога ќе пристигне - рече тој.
Во јули Гувеја е Мело искористи таква можност.
Демонстрантите го блокираа влезот во центарот за вакцинација во Лисабон, па тој ја облече својата воена униформа и отиде таму.
- Поминав низ овие луди луѓе. Почнаа да ме нарекуваат убиец, убиец - вели тој.
- Им реков дека убиец е вирусот. Вистински убијци ќе бидат луѓето што живеат како да е 13 век, без поим за реалноста. Се обидов да комуницирам на вистински и искрен начин за сите сомнежи и проблеми - рече тој.
Но, не секој го поздрави неговиот пристап.
- Ние немаме култура во која ги доведуваме во прашање постапките на авторитетите - вели Лора Санчес, клинички психолог, кој ја критикуваше масовната португалска вакцинација како премногу милитаристичка и повика младите луѓе да бидат исклучени.
- И начинот на кој тој секогаш се прикажуваше во камуфлажна армиска униформа, како да водеше војна, заедно со јазикот што го користеа медиумите и политичарите, придонесе за чувство на страв што нѐ направи повеќе склони кон послушност - додава таа.
Сега, кампањата постигна напредок.
- На почетокот имавме околу 40 отсто што не беа сигурни. Сега, според анкетите, само 2,2 отсто не сакаат да се вакцинираат - вели Гувеја е Мело.
Кога се повлече од работната група оваа недела, адмиралот рече дека чувствува дека земјата е на добар курс. Но, како и секој што бил дел од подморницата, тој предупреди дека будноста ќе остане суштинска за да се осигури дека ќе победат во војната.
Фото: Freepik