X
 01.12.2020 Здравје

Загрижува значително намалената стапка на новооткриени случаи на ХИВ

Справувањето со една епидемија треба да се потпира на добра информираност, стратешки податоци, почитување на човековите права, вклученост на повеќе сектори, а не само здравствениот. Треба да се занимава со социјалните и структурните нееднаквости што определени групи граѓани ги прават поранливи на еден конкретен вирус. Неколкудецениското искуство на светот од справувањето со епидемијата на ХИВ нуди незаменливи лекции што треба да се искористат и во одговорот кон новиот коронавирус, се вели во соопштението на „Заедно посилни“ - Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ по повод Светскиот ден на борба против сида.

- Пандемијата на Ковид-19 изнесе на виделина многу предизвици со кои се соочуваат здравствените системи низ светот во справувањето со нови вирусни или други инфекции. Особено дојдоа до израз недоволните капацитети во областа на јавното здравје и потребата од поголеми инвестиции во здравството - велат од Здружението.

Тие потенцираат дека интензивниот фокус на пандемијата не смее да ги намали напорите да се справиме со епидемијата на ХИВ, која сè уште е активен проблем на јавното здравје во Македонија и на луѓето засегнати од овој вирус. Во согласност со насоките на Светската здравствена организација, земјите мора да осигурат непрекината достапност на основните услуги за превенција и лекување на ХИВ-инфекцијата во рамките на ургентниот одговор кон Ковид-19, за што се неопходни соодветни ресурси и механизми.

Фото: Pixabay

- Загрижени сме поради фактот дека оваа година е значително намалена стапката на новооткриени случаи на ХИВ и досега изнесува помалку од половина од бројот на откриени случаи минатата година. Тоа може да се објасни со кризната состојба, но не смее да се занемари. За да останеме на патеката кон ставање крај на ХИВ-инфекцијата како проблем на јавното здравје, неопходно е значително да го зголемиме бројот на луѓе со ХИВ што го откриле својот позитивен статус и почнале со терапија - велат од Здружението.

Тие изразуваат почит кон сите здравствени работници и соработници вклучени во одговорот кон Ковид-19, особено кон вработените на Клиниката за инфективни болести за натчовечките напори што ги прават за да спасат животи, а во исто време да ја одржат и редовната грижа за пациентите со ХИВ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје