Голем број жители на Чикаго на 1 јануари чекаа во ред за да купат марихуана, која од првиот ден во новата година се продава легално за рекреативна употреба во Илиноис.
Меѓу првите клиенти беше и заменичката на гувернерот на Илиноис, Џулијана Страттон, која купи гумени бонбони со марихуана. Таа рече дека администрацијата на Илиноис презела важен чекор напред со легализирањето на канабисот.
- Тука сум за да го прославам големиот ден за Илиноис - рече Стратон.
Во Илиноис веќе беше легализирана употребата на медицинска марихуана и сега е 11. држава што дозволува продажба и рекреативна употреба.
Властите на Илиноис се надеваат дека до 2022 година оваа држава ќе заработи 250 милиони долари од канабисот.
Клучен дел од новиот закон е амнестијата за оние што имале мали правни проблеми со марихуаната. На последниот ден од старата година амнестирани беа повеќе од 11.000 луѓе.
Извор: МИА