X
 02.01.2021 Наша тема

Не можете да се присилите да бидете среќни или да се преправате само затоа што се празници, признајте си ги чувствата, велат психолозите

Празничната депресија во пандемија може да биде посилна поради социјалната осаменост.


Годинава празничниот период ќе изгледа поинаку. Со многу ограничувања, без прослави на плоштад, клубови, со малку огномети или без, дома, во интимна атмосфера.
Работните прослави се преселени на платформата „Зум“ или на други онлајн-платформи, со оглед на тоа што не се препорачливи собири во пабови, ресторани, кафулиња. На големо се практикува онлајн-шопинг. Новогодишните подароци се одбираат преку интернет со достава, без контакт со лицата за кои се наменети. А новогодишната ноќ ќе биде тивка во семејна атмосфера, затоа што и забавите во домовите се забранети во повеќето држави.

Празниците за многумина се највозбудливиот и најрадосен период во годината, но кај многумина токму тогаш се јавуваат засилени чувства на анксиозност, стрес, вознемиреност, депресија. Празничната депресија веќе им е добро позната на психолозите и се дефинира како привремено чувство на вознемиреност или депресија за време на празниците.
Психолозите се согласуваат дека новогодишните празници се поврзуваат со празнична депресија, која сега може да биде позасилена токму поради социјалната осаменост.

Софија Георгиевска, професор на Филозофски факултет, психолог и системски семеен советник, дава неколку совети како да си помогнеме и како полесно да ги поминеме празниците.



Признајте ги вашите чувства

Во ред е да плачете или да ги искажете своите чувства. Не можете да се присилите да бидете среќни или да се преправате само затоа што е време на празници.

Побарајте и даjте поддршка

Ако се чувствувате осамени или изолирани, побарајте можност за дружење во вашата средина. Оваа година многу собири ќе бидат откажани или строго ограничени, но, сепак, социјалните мрежи и виртуелните настани можат да бидат релативна замена.
Ако празниците се стресни за вас, исто така, може да помогне и разговорот со пријател или член на семејство со кој можете да контактирате, да се допишувате и да имате видеоповици.
Подарувањето време за нешто убаво и корисно (на пример, волонтирањето) е исто така добар начин да се подигне слабиот дух, а отвора можност и за нови пријателства. На пример, размислете за можноста да му доставите оброк и десерт на ваш пријател кој е во самоизолација за време на празниците, да купувате за постари лица на кои не им е дозволено да ја напуштат куќата.

Бидете реални

Празниците не мора да бидат совршени, ниту исти како минатата година. Пандемијата не е единствениот фактор што влијае врз промената. Со растот на бројот на членови на семејството и промените, често се менуваат и нашите семејни ритуали. Изберете некои што ви се допаѓаат и сè уште можете да се придржувате до нив или да бидете отворени и, доколку е можно, да усвоите или да воведете нови обичаи. На пример, ако вашите возрасни деца или роднини не можат да ви се придружат, најдете други начини да го прославите Божиќ заедно, како што се споделување фотографии, испраќање е-пошта, покани и дружење преку интернет.




Планирајте однапред

Одвојте одредени денови за шопинг, готвење, поврзување со пријатели и други активности. Размислете дали можете да купувате преку интернет. Планирајте ги вашите менија и потоа направете го списокот за купување. Тоа ќе помогне да се спречи мешањето во последен момент за купување заборавени состојки.

Ослободете се од непотребните притисоци
Бидете реални со она што можете и не можете да го сторите. Како што семејствата се менуваат и растат, така се менуваат и традициите и ритуалите. Ако не можете да бидете со вашето семејство, најдете нови начини да славите заедно (виртуелната семејна вечер?).

Одвојте време за разговор

Нормално е да се чувствувате малку загрижени, исплашени или беспомошни во несигурни времиња. Запомнете: во ред е да ги споделувате вашите грижи со другите на кои им верувате - и тоа може да им помогне и ним.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема