X
 24.02.2019 Образование

Подобро платете ги наставниците и учениците ќе имаат подобри резултати

Многу фактори придонесуваат за успехот на учениците во училиштата, а конвенционалната мудрост предвидува дека колку е попаметен наставникот, толку подобар ќе биде исходот од учењето.

Но, типичните мерки на квалификациите на наставниците, како што се факултетските нивоа и нивоата на искуство, не се усогласуваат секогаш со ефикасноста во училницата.

Користејќи податоци од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за процена на ефектите од когнитивните вештини на наставниците врз постигнувањата на учениците во 31 земја на ОЕЦД, истражувањето „Дали паметните наставници создаваат паметни ученици“ открило дека учениците чии наставници имаат повисоки когнитивни вештини имаат подобри образовни перформанси.

Когнитивните вештини на наставниците, како писменоста и математиката, беа измерени со помош на податоците од програмата за меѓународна процена на компетенциите на возрасните на ОЕЦД-анкета спроведена во 2012 и 2015 година.

Податоците покажуваат дека когнитивните вештини на наставниците варираат во различни земји. На пример, наставниците во САД имаат полоши перформанси од просечниот наставник по математика, додека нивните вештини за писменост биле малку подобри од просекот.

- Наставниците имаат подобри резултати во земји како Финска, Сингапур, Ирска и Чиле, а полоши во Австрија, Данска, Словачка и во Полска – се вели во истражувањето.

Истражувачите го споредиле вештините по математика и по читање на наставниците во  31 земја на ОЕЦД со вештините на други луѓе во нивните земји, како и со вештините на наставниците од други земји. Било испитано и дали учениците постигнале повисоки резултати од просекот на ПИСА во земјите каде што наставникот има посилни вештини по математика и читање. Тие откриле дека зголемувањето на вештините по математика за едно стандардно отстапување го зголемува перформансот на ученикот за речиси 15 отсто од стандардната девијација на математичкиот тест на ПИСА, додека влијанието на вештините на наставникот е поголемо кај девојчињата отколку кај момчињата.

Со други зборови, вештините на наставниците во предметите како математика и читање влијаат врз перформансите на учениците по истиот предмет. Во меѓувреме, истражувачите исто така откриле дека учениците постигнуваат повисоко ниво на училиште во земјите каде што наставниците се платени повеќе за нивните вештини.

Истражувачите откриле дека земјите што им плаќаат на наставниците повеќе успеваат да привлечат наставници што биле подобри на факултет.

Ова значи дека учениците постигнуваат повисоки нивоа во земјите каде што наставниците се подобро платени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование