X
 29.01.2021 Наша тема

991 наставник во трка за 355 места. Кој ќе добива менторска плата?

До 10 февруари ќе се проверуваат документите што ги доставиле апликантите, а потоа секој од нив треба да биде бодиран од страна на Бирото за развој на образованието, како и од училиштата

Вкупно 991 наставник од основните училишта во државата се пријавиле на јавниот повик распишан од Министерството за образование и наука - МОН за избор за наставник-ментор. Како што информираат надлежните, до 10 февруари ќе се проверуваат документите што ги доставиле апликантите, а потоа секој од нив треба да биде бодиран од страна на Бирото за развој на образованието, како и од училиштата.
За да се стане наставник-ментор, потребно е наставникот да има седум години работно искуство, да е вработен на неопределено време, како и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор. Третиот услов е дискутабилен и за тоа, Факултети.мк веќе пишуваше.

Наставниците збунети: Што ќе работат и како ќе се избираат менторите

- Комисиите за проверка на исполнетоста на професионалните стандарди за звањето наставник-ментор вршат проверка на поднесените барања и документацијата и тој процес ќе трае до 10 февруари 2021 година. Потоа, откако ќе се добијат бодови од БРО и од училиштата за кандидатите што ја поминале првата фаза, ќе биде објавена и листата со оние што ќе бидат унапредени во звање ментор.

Првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, меѓу другото, реагираше дека јавниот повик е дискриминирачки кон професорите во средните училишта бидејќи се однесува само на оние во основно образование. На тоа МОН излезе со објаснување:

- Објавениот повик за напредување на наставници се однесува само за основно образование. За наставници од средно образование, како и за стручни соработници од основно и средно образование, дополнително ќе бидат објавувани јавни повици.



Надлежните уверуваат дека изборот на ментори ќе биде објективен. Во однос на реакциите дека поголеми шанси да напредуваат имаат наставниците кои директорите ги праќале на симпозиуми, работилници и на семинари, во МОН велат дека бројот на добиени сертификати не е единствениот услов што треба да биде исполнет.

- Напоменуваме дека учеството на семинари, конгреси и слично е само дел од административната фаза за исполнување на условите, но има уште две други фази во процесот, а тоа е обезбедување мислење од БРО и мислење од училиштето каде што работи наставникот, по што се изготвува соодветна ранг-листа - велат оттаму.

Митко Чешларов од БРО неодамна за Факултети.мк појасни дека посебна комисија ќе ги бодира сите ангажмани на наставникот.

- Во докази спаѓаат обуките што ги поминал наставникот во изминативе пет години. Се вреднува секоја обука, односно дали обуката била за наставникот да стане обучувач или обука што ја посетил. Сето тоа посебно се бодира. Има дел бодирање и за тоа колку стручни трудови напишал наставникот, дали пишувал учебници. Ако исполни одреден процент од сето ова, тој влегува „во игра“, го поминува првиот круг. Понатаму се праќа барање до БРО, па советник оди на терен, на час, ја следи работата на наставникот на час, а исто така и училиштето дава мислење за наставникот. Првпат нема да има простор за никакво влијание врз изборот. Во интерес е тој наставник-ментор да е најквалитетниот бидејќи тој ќе биде ментор не само на приправниците, туку на сите наставници во училиштето. Наставникот ќе биде ментор сè додека не премине на следно ниво, а тоа е наставник-советник, кога платата уште повеќе се зголемува - рече Чешларов.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема