X
 02.01.2025 Наша тема

„Гајдата е наше богатство и наследство и треба да ја знаат сите идни генерации“, вели Елена Јовческа, пејачка и гајдаџика

Традиционалната изработка на гајдата и свирењето на овој традиционален инструмент се впишани во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

По седум години, македонската држава впиша уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО откако мултинационалната номинација поднесена од Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на сесијата на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, која се одржа во Парагвај.

Гајдата како еден од најзастапените музички инструменти во фолклорната музичка традиција на Македонија има значајна улога во зачувувањето на нашата автентична изворна музика. Распространетоста на гајдата на целата територија на Македонија и присуството на гајдаџијата на домашни и верски прослави имале големо влијание во одржувањето на автентичната вокална, инструментална и игроорна традиција.



Меѓу оние уметници што ја поздравија одлуката на УНЕСКО да ја стави гајдата под заштита е Елена Јовческа, вокалист и музичар, која свири на гајда и на сцена не се појавува без овој традиционален инструмент.

- Гајдата е уникатен инструмент, македонско наследство. За мене, тоа е едно големо достигнување пред сѐ затоа што станува збор за инструментот што го интерпретирам пред народот и тоа не само пред македонскиот народ, туку пред целиот свет. Гајдата и е наше богатство и наследство и како таква треба да ја знаат сите идни генерации. Тоа е инструмент по кој се познаваат нашата музика и традиција. Се познава она нашето македонско, традиционално. Од другите гајди во светот се разликува по изработката и по мелосот, како и по звукот на тоновите - вели Елена за „Факултети.мк“.

Љубовта кон гајдата ѝ се појавила додека учела средно музичко училиште во Скопје. Иако е тежок инструмент за свирење, Елена успеала да го совлада. Почнала да пее македонска музика и кога ги слушала старите македонски песни, од кои во речиси сите има гајда, сфатила дека нејзините песни ќе звучат подобро ако отсвири гајда во нив.

- Почнав да пеам поп-фолк музика, меѓутоа, на моите настапи во тој период бараа повеќе народна песна и така одлучив да снимам албум со македонски народни песни. Гајдата ми беше како идеја бидејќи знаев дека ќе бидам достојна за овој инструмент и така одлучив да направам промена кај себе и да станам препознатлива со овој инструмент - истакна Јовческа.

Гајдата е тежок инструмент за учење и треба време. Елена вели дека времето за учење е индивидуално и најчесто тоа го одредуваат фактори како талентот, вежбањето и посветеноста физички да се навикне музичарот на овој инструмент. Почнала да го учи сама, а потоа продолжила со професорката Бајса Арифовска.



Елена имала три гајди и сите три биле дело на мајстор Љубе од Прилеп.

- Имав три гајди кои се дело на мајстор Љубе од Прилеп. Едната гајда ја оставив како подарок во Америка, а другата во Австралија, сега имам само една. Мислам дека во Македонија имаме тројца или четворица мајстори на гајда. Се надевам дека ќе имаат наследници кои ќе изработуваат гајди и тоа ќе продолжи да се пренесува од генерација на генерација - додава музичарката Елена Јовческа.

Како изведувач Елена е уникатна затоа што е единствената што пее во живо и свири со гајда. Како што вели, луѓето не ја знаат моќта на овој традиционален инструмент и што тој претставува како културно наследство, па затоа подготвува несекојдневен проект кој ќе ги спои гајдата и модерната музика.

- Јас мислам дека ние како нација не сме свесни за многу работи, така што и за овој инструмент, мислам дека не си ја знаеме моќта, ама мило ми е што УНЕСКО направи еден чекор со кој сите треба да се гордееме. Јас веќе одамна немам нешто снимено бидејќи спремам нешто убаво и уникатно. Не сакам да откривам предвреме, се надевам дека кога ќе го реализирам, ќе ѝ се допадне на публиката - најави Елена Јовческа.



Со впишувањето на гајдата бројот на заштитени добра од Македонија е шест, од кои две се заеднички со Република Турција.
Впишувањето на добрата на листите на УНЕСКО претставува обврска за државите, но и можност за промоција на националното богатство во глобални рамки и зачувување за идните генерации, објаснуваат од ресорното министерство.

- Потсетуваме дека Република Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 година, со впишувањето на „Чет`рсе – празнувања на Светите четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец (2014 г.), заедничката апликација на Република Македонија и Република Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Република Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија „Културни практики поврзани со 1 Март“ (2017 г.) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита - соопштија од Министерството за култура и туризам.



Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема