За жал, има сѐ помалку живи гитарски бендови за сметка на диџеј-продуценти – соло-изведувачи. Сметам дека сето тоа се должи и на фактот дека немаме речиси никаква музичка сцена, а уште помалку рокенрол. Ги нема фестивалите и гитаријадите што пред извесно време беа дел од нашата сцена, вели Поповски
Методија Поповски или Мето ди Флеш, познат по настапите во скопските кафулиња и клубови, но и низ државата, неодамна ја сними својата четврта песна која доаѓа со видеозапис. Откако се сменија и олеснија протоколите, Мето повторно се врати на настапите. За тоа како функционирал во време на пандемија, за новата песна, како и за состојбата со музичката сцена кај нас, зборуваме со Поповски во ова интервју за Факултети.мк.
Што значеше пандемијата за музичарите? Како целата ситуација ти се одрази тебе лично?
- Пандемијата, која за жал сѐ уште трае, остави големи траги особено кај нас музичарите што активно се занимаваме со оваа работа. Особено беше тешка таа 1,5 година кога ни беше забрането да го работиме тоа што го сакаме и умееме. Така беше за мене, а верувам и за сите уметници воопшто.
Од неодамна се врати на настапите. Како реагира публиката на свирките, дали ѝ недостигале музиката и забавата?
- Откако се олеснија протоколите и полека се враќаме во ритам со забавите, може да се види колку всушност луѓето се желни за забава. Преку глава им е од целата ковид-ситуација и сакаат да се вратат на старото нормално. Со забелешка дека сепак постои страв од евентуална зараза и се дистанцираат едни од други.
Можеш ли да направиш споредба во однос на музичките групи во минатото и сега, дали денеска имаме бендови што создаваат своја музика?
- Како што се менува времето, така и музиката доживува трансформација. Публиката од помладата генерација ги следи трендовите од светските топ-листи, каде што преовладува хип-хоп со неговите варијанти. Просто човек да посака да чуе некоја гитара или убава хармонска линија. По некој автоматизам денешните композитори и изведувачи го следат тој стил. Така е и кај нас. По мое видување, за жал, има сѐ помалку живи гитарски бендови за сметка на диџеј-продуценти соло-изведувачи. Сметам дека сето тоа се должи и на фактот дека речиси немаме никаква музичка сцена, а уште помалку рокенрол. Ги нема фестивалите и гитаријадите што пред извесно време беа дел од нашата сцена. Не би сакал да кажам дека сегашната музика е полесна за продукција, но сепак е полесна за изведување. Во актуелните клубови може да се сретне промоција на нумери, ленти од диџеи, продуценти, што сепак е за поздрав бидејќи се работи за авторски труд.
Каква е ситуацијата во Струга, дали има млади што се занимаваат со музика?
- Што се однесува до младите бендови и композитори во Струга, Охрид како и воопшто кај нас, концертна активност речиси и да нема. И таа музика што се создава се пласира онлајн. Најдобра промоција се социјалните мрежи. Фалат музички емисии, топ-листи, музички критичари кои би ги насочувале младите бендови, композитори во вистинска насока. Фали националните сервиси повеќе да се ангажираат околу тие неколку концертни активности што знаат да се одржат, за сето тоа позитивно да влијае врз креирањето на авторската музика. За жал, животот и творењето на повеќето од сегашните бендови е една обична тезга или преживување во една тешка економска состојба.
Како ја оценуваш ситуацијата со македонската музичка сцена, каква ни е домашната музичка продукција? Колку е таа квалитетна?
- Нашата музичка сцена е приказна сама за себе. Сѐ се одвива стихијно, без никаква концепција. Немаме топ-листи, многу малку или воопшто нема музички емисии на телевизија, бомбардирани сме од север, оставени сами на себе. Сепак, верувам дека квантитетот ќе премине во квалитет и ќе најдеме сили да ја вратиме македонската сцена.
Неодамна ја промовира твојата четврта авторска песна. За што се зборува во неа, каква порака испраќа?
- Целата оваа ситуација ме инспирира да ја напишам мојата четврта авторска песна „Позитивно негативни“, која доаѓа со видеозапис. Напишана е во еден здив, можеби во најтешките моменти од мојата кариера, кога ми беше забрането да го правам она што најмногу го сакам. Наместо да нѐ зближи, пандемијата не раздели. Спротивставени по секое прашање, тоа е нешто кое мора што поскоро да заврши. Да се почитуваме и да бидеме вистински позитивни со негативен ковид-тест. Придружните вокали се на Марија Мечкароска и Анастасија Поповска. Видеозаписот е на Мухамед Манте. Песната зборува за актуелното време што го живееме и ја истакнува онлајн соработката со повеќе музичари од целиот свет.