Галењето и гушкањето не се само показател на симпатија, туку служат и за намалување на стресот во организмот, се посочува во ново истражување на Универзитетот на Олденбург, Северна Германија.
Освен тоа, ако имате висок холестерол, прегратките помагаат и тоа да се урамнотежи. Но, според наводите, сето ова може да предизвика и зависност.
Прегратките и галењето ослободуваат супстанции поради кои се чувствуваме добро. А тоа помага да се изгради поцврста и посилна врска. Дејствува исто како и бакнеж пред заминување на работа. Научниците веруваат и дека тоа го продолжува животот до пет години.
И за оваа романтична зависност е одговорен хормонот окситоцин, кој поттикнува чувство на среќа, топлина и љубов.
Кога остваруваме телесен контакт со некој што ни значи, мозокот испушта големи количества окситоцин. Просто кажано, на мозокот тоа му се допаѓа и телото сè повеќе го посакува и го бара тоа. Така, ако вашиот партнер или партнерка понекогаш изгледа опседната околу прегратките, за тоа има и научно објаснување.
Според научните сознанија, окситоцинот ја намалува и можноста од неверство. Психијатарот Рене Хурлеман, автор на научниот труд, смета дека честите налети на окситоцин ги прават партнерите попривлечни еден за друг. Освен тоа, константното ослободување на окситоцин поттикнува испуштање и на допамин – уште еден хормон одговорен за тоа човекот да се чувствува добро.
Заклучокот е дека причината за зависноста од прегратки е од хемиска природа.
Извор: МИА
Насловна фотографија: Unsplash