Од секојдневното миење на забите до пиење кафе во 11 часот, сите имаме навики што ја сочинуваат нашата секојдневна рутина.
Некои навики се позитивни и корисни, на пример, одење во сала за вежбање, додека други, како што се пушење кутија цигари дневно или често нарачување пица, се негативни, па дури и штетни. Постојат и апликации што можат да ви помогнат да создадете нова навика или да се ослободите од лошата, а голем дел од нив се темелат на претпоставката дека за тоа ќе ви бидат потребни 21 ден.
Oвој број потекнува од популарната книга од 60-тите „Психокибернетика“ на пластичниот хирург Максвел Малц, кој забележал дека на неговите пациенти по операцијата им се потребни 21 ден за да се навикнат на новиот изглед.
Но, според резултатите од истражување спроведено во 2009 година, времето потребно за формирање навика не може да се прецизира.
Научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон ги истражувале новите навики на 96 луѓе во период од 12 недели и откриле дека просечното време потребно за усвојување нова навика всушност изнесува 66 дена. Тие истакнале дека индивидуалното усвојување нови навики се движи од 18 до неверојатни 254 дена.
Значи, ако сакате да усвоите нова навика, ќе биде потребно да поминат најмалку два месеца, така што не би требало да очајувате ако не успеете за три недели, бидејќи за повеќето луѓе тоа едноставно не е доволно.
Но, што е со обидот да се ослободите од несакана навика?
Фото: Unsplash
Се чини дека формирањето навики и ослободувањето од навиките се тесно поврзани.
- Ослободувањето од одредена навика значи воспоставување на нова навика, нов одговор. Старата навика или шема сè уште е таму, но е помалку доминантна. Полесно е да почнете да правите нешто ново отколку да престанете да правите нешто што сте го правеле постојано без да го замените тоа однесување - вели невронаучникот Елиот Беркман.
Експертите се согласуваат дека нема типична временска рамка за ослободување од навика, а вистинскиот рецепт би бил мешавина од личност, мотивација, околности и видот на навиката.
- Луѓето што сакаат да се ослободат од некоја навика од причини усогласени со нивните лични вредности ќе го променат своето однесување побрзо од луѓето што го прават тоа поради надворешни причини, како што е притисокот од другите - вели Беркман.
Според професорката по психологија Сузан Краус Витбурн, понекогаш навиката може за брзо време да биде отстранета. Но, во повеќето случаи трае подолго, а веројатно треба да оставите да поминат барем два месеца.
За успешно ослободување од навиката, треба да размислувате за вашата најсилна мотивација што ќе ви биде двигател. Размислете за „заменско однесување“ за навиката, но тоа треба да е позитивно - на пример, замената на цигарите со грицки е многу лоша опција.
Важно е да бидете трпеливи. Колку подолго сте ја имале навиката, толку подолго ќе ви биде потребно да се ослободите од неа.
- Долгогодишните навики буквално се вградени на нервно ниво, па тие се моќни детерминанти на однесување. Добрата вест е што луѓето речиси секогаш се способни да направат нешто друго кога се свесни за навиката и се доволно мотивирани да се
променат - објаснува Беркман.
Затоа останете силни, ќе успеете!