X
 06.01.2018 Живот

Претерано грижливите мајки создаваат зависни, несигурни и анксиозни деца


Мајка и бебе
(Фото: Pixabay)


Пред да се роди, бебето и мајката споделуваат едно тело и чувство дека се целина. Така останува и одредено време по раѓањето. Потоа бебето полека влегува во фаза на раздвојување, кога почнува поактивно да го запознава светот – почнува да се движи, да ползи, да истражува. Тогаш првпат се појавува свеста за себе како одвоено од мајката. За успешно да ја совлада оваа фаза, на детето му е потребно родителите да го поддржат неговото одвојување. За да може да се одвои и да го истражува светот, мора да знае дека мајката со љубов ќе го прими назад во својата прегратка тогаш кога тоа ќе посака да се врати.

Симбиотската тема настанува тогаш кога природната потреба на детето за одвојување ќе биде осуетена. Тоа се случува кога мајката има отворени или прикриени негативни реакции на знаците на излегување од симбиозата од страна на детето. Претерано грижливите мајки таквото однесување на детето ќе го доживеат застрашувачки, бидејќи кога детето ќе се оддалечи, тие чувствуваат дека веќе не можат да го заштитуваат. Мајките кои и сами не ја надминале симбиотската тема во својот живот, со своето бебе го пронаоѓаат изгубениот рај, конечната исполнетост и смислата во претопеноста во безусловната љубов. Тогаш детето почнува да се одвојува, а мајката одново доживува страв од напуштање и од осаменост. Од нивото на развој на мајката зависи и нејзината реакција: емоционално незрелите мајки отворено ќе негодуваат, емотивно ќе се дистанцираат или ќе го казнуваат обидот на детето за одвојување, додека малку позрелите мајки ќе се обидат да го охрабрат одвојувањето, но детето сепак ќе го почувствува очајувањето што во нив ќе го предизвика тоа одвојување.

Родителите им праќаат порака на своите деца дека таквата различност и постапувањето според своите потреби се себични, наметнувајќи им на децата чувство на вина „затоа што мислат само на себе“.

Детето ќе биде уважувано во онаа мера во која е во состојба своите потреби да ги остави настрана и да се погрижи за тие на своите родители. И на тој начин ќе се откаже од својата љубопитност, авантуризмот, независноста, чувството дека може само, уживањето во самостојни активности, само за да ги задржи односот и родителската љубов. И во возрасната доба детето ќе чувствува должност кон родителите, вина и потреба да им се оддолжи.

Основната тешкотија е што идентитетот на оваа личност никогаш не е изграден докрај бидејќи на детето не му било дозволено да развие независна личност, различна од оние на родителите. Како возрасен човек, нема да знае што точно му е потребно, но другите одлично ќе ги чита и ќе даде сè од себе да им го овозможи тоа. И не само тоа, несвесно ќе се приспособува и ќе стане токму она што другите сакаат да биде.

Кога ќе почувствува автентично задоволство, среќа и независно постигнување, тоа ќе го протолкува како чин на себичност, со оглед на тоа што задоволувањето на независните потреби претходно било означено како себично од страна на родителите. Кога ќе остане сам, често чувствува анксиозност и прибегнува кон активности за да не се соочи со застрашувачката празнина на сопственото друштво.

Кај овие луѓе како возрасни се јавува силно чувство на одговорност за чувствата и расположенијата на другиот, а со тоа и вината и стравот кога на другата личност не ѝ е сè во ред (партнерот не се доживува како независна личност со свој одвоен свет, и со тоа често мислат дека секое нерасположение има врска со нив и нивниот однос).

Во љубовните односи се растргнати помеѓу стравот од напуштање, поради што прибегнуваат во симбиоза (испреплетеност со партнерот во сите аспекти од животот), и стравот дека во таквиот однос ќе бидат задушени. Присутна е, помалку или повеќе, несвесна лутина кон партнерот кој не ги чита нивните потреби (за кои самите не се залагаат, а многу често и не знаат кои се).

Најмногу сакаат да ги чујат зборовите: „Имаш право да се одвоиш и да бидеш свој/а. Имаш право да мислиш на себе. Можеш да избереш да ги задоволиш своите потреби, без разлика на тоа што мене ми е сега потребно. Ќе ти дадам поддршка така што ќе бидам покрај тебе ако ти затребам, но нема да ти се мешам или да ја преземам твојата активност“.

Со зацврстувањето на својот идентитет, стравот од одвојување и потребата за симбиоза ќе се намалуваат. Бидејќи, ако другите заминат, повеќе не останува болна осаменост, туку останувам ЈАС, кој можам да се погрижам за себе.

Целта на терапијата е поттикнување на чувството за себе (кој сум јас?) и пронаоѓање на својот вистински внатрешен глас. Потребно им е да видат дека изразувањето на вистинското јас може да добие поддршка – некогаш за тоа е потребно излегување од меѓузависните односи и пронаоѓање нови луѓе кои умеат да сакаат, но притоа имаат јасни граници, на кои не им е потребна грижа за нив, и на кои одговорот НЕ им е корисен патоказ, а не повредување.


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот