„Студирањето на Технолошко-металуршкиот факултет бара сериозна посветеност бидејќи покрај теоретската настава, опфаќа и лабораториски вежби, проекти, анализи и истражувачка работа“, вели Мила Саздова, која беше прогласена за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Мила Саздова е прогласена за најдобра студентка на Технолошко-металуршкиот факултет и дипломиран инженер технолог по прехранбена технологија и биотехнологија.
-Зад ваквиот успех стојат години посветеност, континуирана работа, многу откажувања, но и искрена љубопитност и желба за учење. Уште од почетокот на студиите се трудев не само да ги положувам испитите, туку навистина да ја разберам материјата и да ја согледам нејзината практична примена. Успехот не зависи само од интелигенцијата, туку и од дисциплината, организацијата на времето, упорноста и способноста да продолжите и кога резултатите не доаѓаат веднаш. Особено сум му благодарна на моето семејство, кое отсекогаш ми било најголема поддршка, како и на професорите и колегите од факултетот кои придонесоа моите студентски години да бидат исполнети со нови знаења, искуства и мотивација за напредок.
Да се биде избран за првенец на генерација и да се претставува својот факултет меѓу најдобрите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е огромна чест и признание кое навистина многу ми значи. Особено сум горда што ова признание доаѓа од институција со долгогодишна традиција и високи академски стандарди. Оваа награда ја доживувам не како крајна цел, туку како поттик за понатамошно усовршување, нови предизвици и поголем придонес во професијата во која се образовав - вели Мила Саздова за Факултети.мк.
Природните науки ја привлекувале Мила уште во средно образование, особено биологијата и хемијата. Токму затоа почнала да истражува студиски програми кои ги поврзуваат овие области и така се запознала со биотехнологијата и прехранбената технологија.
-Она што најмногу ме привлече беше фактот што оваа област претставува спој на науката, технологијата и практичната примена. Биотехнологијата денес има огромно значење во производството на храна, фармацевтската индустрија, медицината, заштитата на животната средина и развојот на одржливи технологии. Ми се допадна идејата преку научни знаења да се создаваат решенија кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот на луѓето.
Во текот на студиите интересот дополнително се продлабочи преку лабораториската работа и истражувањата. Особено ме заинтересираа микробиологијата и биотехнолошките процеси, односно можноста микроорганизмите и природните процеси да се искористат за создавање нови производи и технологии - истакна Мила.
Нејзини најголеми предизвици во текот на студирањето не биле само тешките испити, туку и потребата истовремено да се одржи висок академски успех, да се работи на лабораториски вежби, семинарски проекти и практична работа.
-Особено во повисоките години од студиите, кога предметите стануваат поспецијализирани и бараат поголемо аналитичко размислување, беше потребна многу добра организација на времето, дисциплина и истрајност. Дополнителен предизвик беше работата во лабораторија. Токму таму научив дека науката не е секогаш предвидлива и дека понекогаш од неуспешните експерименти се учи повеќе отколку од успешните.
Значајно искуство за мене беше изработката на дипломската работа, каде што истражував оптимизација на супстрати за раст на мицелиум од буковка (Pleurotus ostreatus) со користење агроиндустриски нуспроизводи. Овој процес ми овозможи да ги применам знаењата стекнати во текот на студиите и уште повеќе да се заинтересирам за истражувачката работа и биотехнологијата - вели Саздова и додава дека најголем интерес ѝ побудиле предметите поврзани со микробиологија, индустриска биотехнологија, биопроцесно инженерство и ферментациски процеси.
- Ми беше особено интересно како микроорганизмите и биолошките процеси можат да се искористат за производство на храна, фармацевтски производи и одржливи решенија кои имаат реална примена во индустријата и секојдневниот живот. Токму преку овие предмети сфатив колку е широка и перспективна областа на биотехнологијата и колкав потенцијал има за решавање на современите предизвици во производството на храна, заштитата на животната средина и развојот на нови технологии - истакна Мила и додаде дека имала професори посветени на студентите и нивниот развој кои биле достапни секогаш кога сакала да им се обрати за консултации, насоки или помош кога се соочувала со одредени предизвици во учењето и истражувањето.
Во моментов Мила работи во одделот Регулаторни работи во „Алкалоид“ АД Скопје, каде што има можност одблиску да се запознае со процесите поврзани со регулативата, регистрацијата и усогласеноста на фармацевтските производи со домашните и меѓународните стандарди.
- Ова искуство ми овозможува да ја согледам важноста на научниот и законскиот аспект во развојот и достапноста на лековите и здравствените производи. Верувам дека токму поврзувањето на академското знаење со реалните индустриски процеси е најдобриот начин за професионален развој. Во иднина би сакала да продолжам да се надградувам во области кои ги поврзуваат биотехнологијата, фармацевтската индустрија и научноистражувачката работа. Особено ме привлекуваат теми поврзани со развој на нови производи, примена на биотехнолошки процеси и иновации кои можат да придонесат за подобрување на здравјето и квалитетот на животот - открива Саздова, која планира да запише и магистерски студии за континуирано да учи, да се усовршува и да напредува во науката и индустријата.
Со оглед на новите економски предизвици со кои се соочува македонското општество, улогата на технолозите и биолозите ќе биде многу поголема отколку што најчесто се перципира во јавноста, смета Мила.
-Тие се присутни во речиси сите сегменти поврзани со производството на храна, фармацевтската индустрија, контролата на квалитет, заштитата на животната средина и развојот на нови технологии. Кога зборуваме за безбедна и квалитетна храна, потрошувачите најчесто го гледаат само крајниот производ на полиците во маркетите. Но зад секој таков производ стои работа на технолози кои се грижат за изборот на суровините, производствениот процес, контролата на квалитетот, микробиолошката безбедност и усогласеноста со законските прописи. Нивната работа има директно влијание врз здравјето на луѓето.
Од друга страна, биотехнологијата денес е една од најбрзорастечките научни области во светот. Таа овозможува развој на нови лекови, вакцини, функционална храна, одржливи производствени процеси и решенија за заштита на животната средина. Во услови на глобални предизвици како климатските промени, растечката потреба за храна и потребата од поодржливо користење на ресурсите, улогата на биотехнолозите станува сè поважна - вели Саздова.
Според неа, Македонија располага со квалитетни кадри во овие области, но постои простор за уште поголемо вложување во научноистражувачката работа, иновациите и поврзувањето меѓу универзитетите и индустријата.
-Токму преку таквата соработка можат да се создадат нови производи, технологии и решенија кои ќе придонесат за економскиот развој на државата. Лично, како дипломиран инженер по прехранбена технологија и биотехнологија, верувам дека нашата професија има значајна улога во создавање подобра и побезбедна иднина. Без разлика дали станува збор за храна, фармацевтски производи или одржливи биотехнолошки процеси, нашата задача е научните сознанија да ги претвориме во практични решенија од кои ќе има корист општеството - заклучува Мила.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.