Арктикот се затоплува двапати побрзо од остатокот од планетата и по најтоплиот јуни кој некогаш бил забележан на Земјата, регионот буквално гори.
Од Гренланд до Сибир и Алјаска, северната хемисфера е обвиткана во пламени и чад.
Од почетокот на Јуни во арктичкиот круг избиле повеќе од сто пожари. Само во Русија моментално 11 од вкупно 49 региони се зафатени од оган.
Фото: Science Alert
Среде невообичаено топлото и суво лето, дури и на Гренланд има оган, кој може да се види и од вселената, како што покажува следната фотографија.
Фото: Science Alert
Додека пожарите на Арктикот не се ретки, во последните години тие стануваат полоши поради глобалното затоплување. Научниците и Светската метеоролошка организација за овогодинешните пожари велат дека се досега невидени.
Томас Смит, географ од Лондонската економска школа, вели дека ова се некои од најголемите пожари на планетата и дека некои изгледа дека зафаќаат површина поголема од 100.000 хектари.
-Количината на јаглерод диоксид која била испуштена од пожарите во арктичкиот круг во јуни е поголема од целата емисија на јаглероден диоксид од пожарите од таа област во истиот месец од 2010 до 2018 година заедно - истакна Смит.
Дури и областите кои не се зафатени од пожари ги чувствуваат последиците. Според извештај од НАСА, чадот се шири низ Русија, влегува во поголеми градови и влијае на квалитетот на воздухот.
Научникот Сантијаго Гасо на „Твитер“ напиша дека пожарите во Сибир создале капа од чад која се протега на над 4,5 милиони квадратни километри над централна северна Азија.
Ако не се направи ништо за да се зауздаат емисиите на јаглерод, глобалното затоплување ќе стане полошо, а овие екстремни пожари наскоро може да станат настани кои ќе ги гледаме
постојано.