Многу луѓе се консултираат со „Гугл“ за да воспостават дијагноза за здравствени симптоми кои ги имаат или за да побараат медицински совет за одредена состојба. Но, ново истражување покажува дека овие проверки на симптоми на интернет се точни само во околу третина од случаите.
Научници од универзитетот „Едит Коуан“ направиле анализа на 36 веб-страници и апликации за проверка на симптоми од целиот свет и било откриено дека точна дијагноза при првиот резултат имало само во 36% од случаите, а во првите три резултати 52% од времето.
Советите за место и време за барање медицинска помош биле точни 49% од времето.
Фото: Pixabay
Се проценува дека се прават околу 70.000 пребарувања за здравјето на „Гугл“ во секоја минута.
- Иако може да биде примамливо да се користат овие алатки за да се открие што може да ги предизвикува вашите симптоми, поголемиот дел од времето тие не се веродостојни и може да бидат опасни во најлошо сценарио - вели Мишела Хил, автор на истражувањето.
Според Хил, веб-страниците и апликациите за проверка на симптоми на интернет може да нудат лажна сигурност. Но, овие веб-страници не може да ја видат целата слика, односно не ја знаат историјата и другите симптоми на корисникот. Луѓето кои немаат здравствено знаење може да мислат дека добиле точна дијагноза и да помислат дека нивната дијагноза не е сериозна, иако е.
Фото: Pixabay
Хил додава дека овие веб-страници може да бидат дел од модерниот здравствен систем, но тие не се замена за посета на вистински лекар. Тие може да понудат дополнителни информации откако се добие дијагноза од лекар.
Сепак, нема доволно регулативи и проверка на податоците на овие веб-страници, а нема ниту транспарентност во начинот на кој овие веб-страници ги добиваат своите податоци, вели Хил.
Извор:
eurekalert.org