X
 13.06.2020 Наука

Инженери претвораат отпаден јаглероден диоксид во гориво и пластика

За новите начини на преминување кон зелена енергија се зборува секој ден, а сега научници од Австралија развиле метода која може да го претвори штетниот јаглероден диоксид во материјали како гориво и пластика. Ова може да е важен чекор напред кон позелена економија со повеќе простор за дишење.

Методата вклучува конверзија на отпадниот јаглероден диоксид, кој се создава во индустриските погони, во корисни производи. Оваа технологија би можела ефективно да го реши проблемот со процесите во кои се создаваат штетни стакленички гасови.

Инженерите од Универзитетот во Нов Јужен Велс покажале дека со создавање цинк оксид на високи температури со пиролиза може да се создадат наночестички кои ја преземаат улогата на катализатор за претворање на јаглеродниот диоксид во синтетички гас.

Овој микс на водород и јаглерод моноксид може да се користи во производството на индустриски производи за кои никогаш порано не сме зборувале.

Според истражувачите, овој метод е многу поевтин и поскалабилен за барањата на тешката индустрија за разлика од она што е достапно денес.

- Употребивме отворен оган, кој гори на 2.000 степени, за да создадеме наночестички на цинк оксид кои потоа може да се користат за конвертирање на јаглеродниот диоксид, со користење електрична енергија, во синтетички гас. Синтетичкиот гас често се смета за хемиски еквивалент на лего затоа што двата елемента - водородот и јаглерод моноксидот - може да се користат во различен размер за да се создадат нешта како синтетички дизел, метанол, алкохол или пластика, кои се многу важни индустриски прекурзори. Во суштина, она што ние го правиме е конвертирање на јаглеродниот диоксид во овие прекурзори, кои може да се користат за да се создадат сите овие витални индустриски хемикалии - објасни Ема Ловел од Школата за хемиски инженеринг при Универзитетот во Нов Јужен Велс.


Сепак, сè уште е прерано да се зборува за конвертирање на сиот отпаден јаглероден диоксид емитуван од електраните. Но, истражувачите велат дека ако можат да ја репродуцираат нивната технологија во голем размер, процесот може да му даде на светот простор за дишење додека оди кон зелена економија.

Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука