X
 28.12.2020 Наша тема

Македонската наука во колапс: нема подмладок, квалитетниот кадар си оди

Покрај очајните буџети за финансирање на научноистражувачката дејност во Македонија, проф. д-р Стефов ги образложува и другите проблеми, а еден од поголемите е недостигот на човечки научни ресурси

Македонската наука и образованието се наоѓаат во многу тешка состојба. Кај нас никогаш не е доследно имплементирана ниту една стратегија во науката и во високото образование. А тоа ќе има несогледливи последици врз развојот и напредокот на државата, вели проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-научниот факултет во Скопје. Тој во рамките на трудот „Анализа на финансирањето и некои состојби на науката во РС Македонија“ детаљно ги образложува причините за тоа како се најдовме во оваа состојба. Во меѓувреме беа објавени Шангајската листа, листата на Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR), а универзитетите од Македонија се далеку од првите 1.000 селектирани на листите.


Проф. д-р Виктор Стефов

Покрај очајните буџети за финансирање на научноистражувачката дејност во Македонија, Стефов ги образложува и другите проблеми, а еден од поголемите е недостигот на човечки научни ресурси. Научната институционална инфраструктура во нашата земја ја сочинуваат универзитетите, во кои влегуваат факултетите, јавните научни установи и вишите школи, самостојните јавни научни установи, Македонската академија на науките и уметностите и независните истражувачки групи.

- Постои толку голем недостиг на млад кадар на универзитетите и научните институти во земјава, што е загрозена дејноста на поголемиот број од нив, особено на најстарите и најетаблираните - вели Стефов.

Одлив на млад и образовен кадар

Бројот на вработени во научноистражувачката дејност во 2018 г. бил поголем во споредба со 2013 година, но треба да се има предвид дека во тој период се отворени нови државни и приватни универзитети во Македонија. Во однос на структурата на вработените во научноистражувачката дејност, околу 3/4 се од високото образование, а позитивен тренд од 2013 до 2018 година е континуираното зголемување на вработените истражувачи во бизнис-секторот, кое во 2018 година достигнало 15,9%. Анализата покажала дека процентот на истражувачи во однос на вкупниот број вработени во Македонија изнесува 0,25%, додека во Европската Унија е 1,3%.

- Од друга страна, позитивен индикатор е големиот процент на жени во научниот сектор во државата, кој изнесува околу 50%, и по тоа сме во самиот светски врв - вели Стефов.



Втор голем проблем е што со години се соочуваме со континуиран одлив на млад и образовен кадар. Државата издвојува многу пари за да го оформи, а нема стратегија да го задржи овој кадар.
- Тоа катастрофално ќе се одрази врз сите сегменти на живеење во земјата. Тоа во голема мера веќе се чувствува - вели Стефов во анализата.

Трендот би можел да се намали со подобрување на економската ситуација, со подобри услови за вработување на младиот кадар и соодветен модел да напредуваат во кариерата, стипендии за постдипломски и докторски студии, подобрување на материјалните услови и поддршката за научноистражувачка работа во земјава и со тоа да се создадат услови за што поголемо учество на младите во истражувањата. Со тоа би се создале и услови да се вратат барем дел од младите кадри од странство и да се вработат соодветно на нивните квалификации.

Потребен ни е континуитет во научната политика

Стефов заклучува дека состојбите во науката, кои се нераздвоен дел од високото образование во целина, се во катастрофална положба.

- Оваа состојба е, пред сè, поради односот на државата кон улогата на науката, која кај нас, за жал, сѐ уште се смета за потрошувачка, а не како еден од главните двигатели за економскиот подем, како во сите развиени држави. Науката е стратешки приоритет од кој зависи развојот на државата и нејзиното финансирање мора да се доведе до најмалку 2% од бруто-домашниот производ - вели Стефов.


Поради невработување млад кадар, лани на Институтот за хемија се одржаа мирни протести / Фото: Борче Поповски

Тој е дециден дека мора да се формира Агенција/Фонд за научни истражувања, која ќе има буџет како Фондот за иновации и технолошки развој. Така ќе се зајакне конкуренцијата во научноистражувачката дејност. Истовремено, да се оформат неколку центри на извонредност од сите области на науката - нешто што во последно време на различни начини го иницира и поддржува и Европската комисија. Тие ќе бидат носители на развојот на научноистражувачката дејност во државата. Неопходна е подобра координација меѓу различните министерства во владата одговорни за науката (министерствата за образование и наука, за економија, за финансии, за здравство и други владини тела).

Стефов во анализата вели дека една од најважните работи е да постои континуитет на научната политика во државата, која нема да зависи од секоја смена на власта, туку ќе ги применува начелата на ЕУ во оваа област.

- Кај нас никогаш не е доследно имплементирана ниту една стратегија во науката и во високото образование подготвена во минатото од МОН или од МАНУ. Оваа состојба во науката ќе има трајни последици врз развојот на државата и може да предизвика трајна блокада. Оваа состојба е резултат на немање јасна стратегија за развој на двата фундамента на секоја држава - образованието и здравството. Кога нема развој на науката, тоа доведува до стагнирање на високото образование, а тоа нужно води до девалвирање на сите други нивоа на образование. Несогледливи се последиците врз развојот и просперитетот на државата - дециден е Стефов.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема