X
 15.09.2019 Наука

Површно ги читаат дигиталните медиуми - стануваат глупави и бесчувствителни

Пред 6.000 години нашиот мозок стана способен да чита, а сега е во опасност повеќе отколку што можеме да си замислиме.

Тоа е појава насекаде околу нас. На родителите „ајпадот“ им служи како нова форма за смирување на децата. Првачињата читаат приказни на паметните телефони, постарите деца воопшто не читаат, туку играат видеоигри. Родителите и патниците сурфаат или прелистуваат низ пораките и новостите. Мариен Вулф од „Гардијан“ забележува дека сите се вклопуваат во таа приказна, а тоа значи дека нервните врски на сите луѓе така се менуваат, што тоа влијае врз способноста за читање, од предучилишна возраст до возрасни години.

Невронаучниците во нивните трудови наведуваат дека мозокот станал способен да чита пред повеќе од 6.000 години. Тој склоп настанал од многу едноставен механизам за декодирање на основните информации, како бројот на кози во нечие стадо. Сегашните способности на мозокот да чита опфаќаат некои од нашите најважни интелектуални и емоционални процеси: насобрано знаење, донесување заклучок, емпатија, критичка анализа...

читање
Фото: Pixsell

Низ светот се појавуваат истражувања што предупредуваат дека можеби секој од тие процеси неопходни за длабоко читање е под закана бидејќи живееме во свет каде што читањето се сведува на дигитална основа. Шери Туркл, научник од Институтот за технологија во Масачусетс, вели дека не грешиме кога како општество развиваме иновации, туку кога не гледаме што нарушуваме или намалуваме додека ги правиме тие иновации.

Во тој период помеѓу печатената и дигиталната култура општеството треба да се соочи со она што се намалува во делот на системот специјализиран за читање. Од истражувањата знаеме дека склопот за читање не им е даден на луѓето преку генска шема, како што се видот и јазикот. За негово развивање потребно е одредено опкружување. Тоа ќе се приспособи на барањата на околината, од различни системи за пишување до специфичноста на секој медиум што го користиме. Ако доминантните медиуми развиле процеси кои се брзи, со повеќе задачи и насочени кон голема количина информации, како што се дигиталните медиуми сега, така ќе биде и нашиот склоп за читање.

Психологот Патриша Гринфилд вели дека помалку внимание и време ќе посветуваме на побавните процеси на длабоко читање, како што се донесување заклучок, критичка анализа и емпатија, кои се неопходни за учење на која било возраст.

Марк Едмунсон, експерт за книжевност од Англија, опишува дека многу студенти на факултетите ја избегнуваат класичната литература од 19 и 20 век бидејќи повеќе немаат трпение да читаат длабоки текстови што бараат многу концентрација. Не е толку голем проблемот со когнитивната нетрпеливост на студентите колку што е она што е зад него; потенцијална неспособност голем број студенти да читаат од ниво на критичка анализа, доволна за да ги опфати комплексноста на мислите и аргументацијата што се наоѓа во текстовите, без разлика дали е од литературата или од науката на факултет.

Психологот Ен Менген од Ставангер во Норвешка заедно со колегите проучувал како студентите усвојуваат ист материјал од различни медиуми. Нејзината група ја обработувала класичната кратка приказна за љубовта - половина ја читале на апликацијата „Киндл“, а половина ја читале од книга. Излегло дека оние што ја читале од книга подобро ја сфатиле приказната, ги уочувале деталите и можеле да го реконструираат дејството во хронолошки редослед.

Серија истражувања од Универзитетот „Сан Хозе“ покажале дека новата норма на читање е „скенирање“ преку уочување зборови и прелетување низ текстови. Многу читатели сега користат обрасци на скенирање во форма на „F“ или „Z“, така што го читаат првиот ред, а потоа поминуваат низ зборовите од текстот. Кога мозокот се однесува на ваков начин, тој го намалува времето за длабоко читање и процесите поврзани со него. Односно, нема време за уочување на комплексноста, сфаќање на туѓите чувства, убавината и создавањето на сопствените мисли.

Критичката анализа, емпатијата и другите процеси на длабоко читање станаа колатерална штета на дигиталната култура. Тоа значи дека се менува целта на нашето читање. Тоа не е само до младите, последиците се гледаат и кај возрасните. Повеќе не сме критични, не анализираме, стануваме отворени за лажни информации и демагогија.

Мораме да развиеме таков мозок што ќе биде во состојба длабоко да чита и во печатените и во дигиталните медиуми.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука