X
 02.06.2018 Наука

Откриен нов феномен на Плутон

Научниците открија уште еден егзотичен феномен на една од најчудесните планети во Сончевиот Систем - пространи дини на површината на далечниот и леден Плутон. Тие се составени од зрнца заледен метан, кој е со големина на песок и бил нанесен од ветар.

Дините биле уочени на снимките направени од вселенскиот брод на НАСА наречен „Нови хоризонти“. Снимките биле направени додека бродот поминувал покрај Плутон во 2015 година, а од нив можеше да се утврди дека дините се наоѓаат на границата меѓу нитрогенскиот глечер во облик на срце и планинскиот венец Ал Идриси Монтес, кој е сочинет од заледена вода, соопштија научниците.

- Иако е толку далеку од Земјата и е толку ладен, Плутон има хаотични процеси какви што никогаш не сме очекувале да видиме. Многу е поинтересен отколку што некој од нас сонувал и ни говори дека таквите многу оддалечени небесни тела се вредни за посетување - вели научничката Јани Радебаух од Универзитетот „Бригам Јанг“.

Таа додава дека дините на Плутон личат на оние од калифорниската Долина на смртта и кинеската пустина Такламакан, иако по состав не се исти. Дините зафаќаат површина од околу 2.000 квадратни километри. Тоа е приближно колку територијата на Токио. Нивното постоење е изненадувачко и постоеше сомнеж дека атмосферата на Плутон, која е многу тенка и главно нитрогенска и со мала количина на метан и јаглероден моноксид, би можела да собере толку ветар за да се формираат вакви дини.


Инаку, површината на Плутон е покриена со планини, кратери, рамнини и долини.

Според научникот Ерик Партели од Универзитетот во Келн, дини се пронајдени и на други места во Сончевиот Систем, вклучително и на Марс, Венера, Титан и Тритон. Тој мисли дека дините на Плутон веројатно се формирани во изминатите 500.000 години, а можеби и во поново време.

- Дините можат да се појават на сосема изненадувачки места - заклучува научникот Мет Телфер од Универзитетот во Плимут, посочувајќи на фактот дека дини се забележани на површината на планетите со многу различни атмосфери, од Венера до Плутон.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука