Од бегалците што во последните неколку години се преселиле од кризните земји во Германија, речиси секој четврти се вработил, пренесуваат германските медиуми.
- Во март речиси секој четврти бегалец што по 2015 година пристигнал во Германија имал работа. Ако се продолжи со ова темпо, ќе се остварат нашите процени дека по пет години престој приближно 50 отсто од бегалците ќе имаат работа, а по 15 години тој процент ќе се зголеми на 70 - вели Херберт Бруекнер од Институтот за истражување на пазарот на трудот (ИАБ).
Тој проценува дека до крајот на годината осум до десет илјади бегалци месечно ќе наоѓаат работа.
Процентот на вработени бегалци сè уште е низок во споредба со останатите сегменти од општеството. Меѓу странците од ЕУ и Балканот квотата на вработени е 50 отсто, а кај Германците 68.
- Овие бројки покажуваат дека интеграцијата на бегалците во пазарот на трудот е долготраен и макотрпен процес - истакнува Бруекнер.
Фото: Novac
Најголемиот процент вработени бегалци (40 отсто) се од Пакистан, Нигерија и Иран, додека најмалиот процент им припаѓа на Сиријците (20 отсто).
Но, истовремено се посочува и на тоа дека многу бегалци што работат добиваат и некаков вид социјална помош бидејќи работата не им е доволно платена за да можат да ги издржуваат фамилиите.
- Шеесет и пет отсто од бегалците што пристигнале во Германија по 2015 година добиваат социјална помош - вели Бруекнер.
Бегалците, според податоците на ИАБ, главно работат работи за кои не е потребно добро познавање на јазикот. Најмал број се вработиле на добро платени места во индустрискиот сектор, што се поврзува со високите барања кои ги поставуваат работодавците во тој
сектор.