Марко Миличевиќ завршил два факултета - медицина и стоматологија и е редок таков пример во Србија. Тој решил да замине во Германија, лут затоа што во Србија не само што не можел да најде работа туку не можел да добие ни специјализација од полето на саканата максилофацијална хирургија. Мотив, како што вели, не се парите, туку знаењето и почитта.
Еден ден пред да си замине тој за српските медиуми раскажа дека не само што нема шанси да најде работа туку и дека директорите и челниците на медицинските установи до кои се обратил му велеле дека најдобро би било да се обрати, односно да најде врски кај некој од врвот на власта или кај некој министер. Марко не сакал да го прави тоа.
Тој додаде дека пред неколку години запишал и докторски студии, но началникот на Клиниката за максилофацијална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Белград му рекол дека тоа е голема глупост и дека треба да оди да волонтира, што може да трае со години и без гаранција дека на крајот ќе ја добие работата.
Марко веќе бил во Германија, поточно во Дортмунд, каде што престојувал три месеци. Вели дека искуствата му се малку позитивни, малку негативни.
Од една страна се административните пречки и постапките околу нострификацијата на дипломите и наоѓањето работа, односот кон странците и чувството на осаменост. Од друга страна се односот кон знаењето, сосема поразличен од оној во Србија, раскажува Марко.
- За три месеци добив огромно знаење. Постои култура кога некого нешто ќе го прашате, тој да ви покаже. Таму за три месеци страшно напредував, што и да ги прашате, тие ќе ви објаснат - вели Марко.
Тој додава дека мотив за неговото заминување не се парите, туку желбата за знаење и дека не би се одлучил да замине ако во Србија добиел макар и волонтерска специјализација. Наведувајќи ги негативните страни на животот во странство, Марко вели дека таму сепак е подобро бидејќи човекот е
почитуван.
- Не станува збор за пари, туку за почитување. Јас сум единствениот што ги завршил овие два факултета и не можам да добијам заслуги. Јас сум апсолутно лут, секој ден гледам луѓе што се во истата ситуација. Гледав едно момче кое прво заврши информатика, а потоа стоматологија. Нему луѓето на факултетот му рекоа дека нема шанси да се вработи на факултетот - истакнува Марко.
Не е единствен
Ова не е единствената ваква приказна што ја пренесуваат српските медиуми. Еве неколку изјави на млади Срби кои решиле среќата и знаењето да ги бараат надвор од нивната татковина.
Сања Степановиќ, студент по историја на уметност во Љубљана, Словенија: Заминав поради непријатната ситуација во сите сфери од животот, недостигот на амбиција да се усовршувам и недостигот на надеж дека нешто може да се промени и дека можам да се надевам на живот достоен за нормален човек.
Сузана Сремчев, Виена, Австрија: Овде нема потреба да размислуваш дали си со различна ориентација, боја на кожа. Ако си подготвен да работиш, тие се подготвени да ти излезат во пресрет. Прифаќаат сè, додека е во согласност со законот.
Данило Миросавлевиќ, тренер по одбојка, Лајпциг, Германија: Од Србија си заминав пред четири години како професионален одбојкар. Одлучив да не се враќам и по повредата и крајот на кариерата како играч бидејќи забележав дека глупоста и општата импотентност се креваат на ниво на идеал, а маскираната ароганција и лажната самодоверба масовно се наградуваат.
Јелена Маринковиќ, Виена, Австрија: Работев во специјалната единица и тука запознав многу добри луѓе кои беа неверојатно подготвени да дадат сè за својата држава. И тие си заминаа бидејќи не можеа да ја прехрануваат фамилијата од паричните надоместоци што ги добиваа.
Ана Јовановиќ, Малезија: Заминав пред пет години затоа што сакав да се занимавам со мојата работа без да станувам член на која било партија. Се занимавам со комуникации во една организација. Дали планирам да се вратам во Србија? Па, не верувам, нема да се вратам ако не морам.
Причините за заминување не се само економски, туку и вредносни
Владимир Петронијевиќ од Групата 484 истакнува дека причините за заминувањата на Србите се многубројни и дека се менуваат со текот на времето. Според него, пред 10 до 15 години се зборувало за заминување на високообразованото население, додека денес заминуваат луѓе со различни професии и различни нивоа на образование.
-Денес ни заминуваат и возачи и градежници, заварувачи, а според истражувањата што ги спроведе и државата, се покажа дека сега постои тренд на заминување на цели фамилии. Младите наведуваат причини поврзани со квалитетот на државата, корупција и партократија, некој вид бесперспективност која тие ја чувствуваат и тоа е карактеристично за целиот регион - вели Петронијевиќ и истакнува дека тоа е сериозен проблем кој ќе влијае врз развојот во иднина.
Фото: Youtube (printscreen)
Говорејќи за приказните на младите кои кажувале за причините за заминувањето, тој вели дека покрај економските и социјалните, се истакнуваат и вредносните мотиви. Владимир додава дека покрај многуте негативни фактори, мора да се препознаат и позитивните ефекти на миграцијата.
- Еден од позитивните е фактот дека луѓето како Марко во земјите во кои заминуваат стекнуваат одредени вештини и знаења, се воспоставуваат разни социјални мрежи со колегите на универзитетите - вели тој и додава дека Србите што предаваат на странски универзитети можат преку видеолинк да им држат предавања и на српските студенти и така да го пренесат нивното знаење.