X
 02.06.2019 Живот

Да ја вратиме неделата, денот кога сложно ѕвечкаа лажиците за супа

Што се случи со неделата?

Вчера цел ден ја барав и никаде не можев да ја најдам. Се сеќавам, некогаш секоја недела беше празник, се облекуваше бела кошула и сите се бањаа. Во недела се одеше на фамилијарни ручеци, а потоа сите дремеа, расфрлани по станот како заринкани китови и само мирисот на црно кафе нè будеше од таа замаеност

Станувавме полека, внимателно, ништо не смееше да биде брзо и нагло. Недела беше ден на бавноста, ден на мрзливоста, ден кој се поминуваше така како да ништо не му претходело или како да ништо нема да се случи по него.

„Недела - ден без иднина“, напиша во една своја песна Раша Ливада. Не знам на што тој мислел кога го напишал тој стих, но тоа за мене е најубавиот опис на неделата. Оние други недели, каква што некогаш беа, а не какви што се сега и какви што беа кога излегов од дома.

Некогаш во недела не работеа продавниците. Всушност, до 10 во некои продавници можеше да се купи леб, млеко и погачици, а исто така до 10 беа отворени и киосците за продавање на печатот. Се друго беше затворено и уживаше во неделниот мир.

Во сабота се одеше на пазар. Тоа беше вистински ден за купување пиперки, лубеници и кајмак. Во недела се одеше на пазар само во случај ако нешто ве спречило во саботата. Меѓу другото, неделната понуда на пазар беше бледа слика во споредба со саботното изобилство.

Недела беше ден за излет. Се качувавме на Авала како да го освојуваме Монт Еверест, а потоа трчавме низ брдото сè додека не се уморевме. Тогаш ќе ги извадевме кифлите намачкани со путер, тврдо варено јајце, парчиња сирење „зденка“ и црвени јаболка.

Во недела пладневниот мир во дворот траеше подолго. Не игравме фудбал, не удиравме со топката во ѕид. Молчевме дури и додека игравме џамлии. Дури подоцна попладне почнувавме да зборуваме погласно и послободно, иако ниту тогаш нашите гласови не одекнуваа како во текот на другите денови.

Недела беше бавен ден. Ден на обнова. Ден кога во целиот град на пладне сложно ѕвечкаа лажиците за супа, кога улиците беа пусти, а возилата на јавниот превоз празни. Ден во кој се забораваше минатото и не се мислеше на иднината. Минатото беше забрзаната сабота, која требаше што побргу да се тргне од ум; иднината доаѓаше со понеделникот, страшниот ден, кој претставуваше почеток на нова еднолична работна недела.

Неделата беше како рајска градина, ден помеѓу реалноста и соништата. Ден во кој сè можеше да почне, а ништо не мораше да заврши. Чардак ни на небо ни на земја.

Меѓутоа, кога вчера излегов надвор, помислив дека е четврток или петок или кој било друг ден. Само не недела. Имено, сите продавници беа отворени: бакалницата, дури и аптеката. Само банката не работеше. Меѓутоа, тоа и не го очекувам од банките бидејќи банките секаде работат помалку од другите. Ако и банките почнат да работат во недела, тоа ќе биде знак дека наскоро доаѓа пропаста на светот. (Нека пропадне, не е штета...)

Потоа почнав да ја барам неделата. Ѕирнував во разни згради, прошетав покрај реката, ги прашував луѓето што чекаа на автобуската станица, потоа момчињата и девојките со слушалки на ушите, но никој не знаеше да ми одговори. Ги креваа рамениците и ме гледаа со погледи кои покажуваа дека не разбираат што ги прашувам, како недела да е заборавен и мртов јазик, разбирлив само за некои лингвисти и археолози.

Убава беше некогаш неделата. Наутро подолго се спиеше, подоцна се појадуваше и секој смееше да одолжува колку сака.

Во недела се одеше на фудбалски натпревари, потоа на прошетка покрај река, а потоа, пред крајот на денот, се порачуваа палачинки со чоколадо и ореви. Вечерта се поткраднуваше на небото, но никој не посветуваше внимание на тоа бидејќи знаевме дека недела е ден поразличен од сите денови и дека, всушност, никогаш не завршува.

Но, потоа се случи нешто и неделата исчезна. Што и да направиме, колку и да се обидуваме, не успеваме да ја најдеме. Се скри некаде, навредена и исплашена од можноста некој да ја натера да си го промени името. Имено, ако името недела потекнува од зборовите „не дела“, а сите тој ден се однесуваат како да станува збор за кој било ден и не престануваат со работењето, тогаш недела не е недела и со право избегала. Отишла некаде каде што сè уште се почитува едноставниот совет: шест дена работи, а седмиот одморај, читај книги, пишувај песни, оди во природа, биди нешто друго, нешто поразлично од она што си во останатите шест дена. Биди поразличен тој ден за другите денови да бидеш секогаш ист. Забави го ритамот. Најди некоја бавна песна и слушај ја цел ден. Уживај во бавноста. Кажи: Бавен сум, признавам, но кога би бил побрз, не би знаел дека постојам.

Да, крајно време е да ја вратиме неделата. Ако не го направиме тоа наскоро, никогаш нема да ја видиме. А животот без недела, односно животот без еден ден одмор веќе не е живот, туку мрачен рингишпил кој запира само еднаш - тогаш кога е доцна за сè.

Автор: Давид Албахари
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот