X
 18.07.2022 Живот

Зошто го мразиме понеделник и совети како да го засакаме

Секој трет човек го мрази понеделник повеќе од кој било друг ден, покажува истражувањето „Фломакс Релиф“ во кое учествувале 2.000 испитаници.

Интересно е и тоа што просечниот човек се жали околу 34 минути во понеделник, додека остатокот од неделата 22 минути. Првиот ден во неделата за многумина е исклучително стресен бидејќи се плашат од обемот на работа што ги очекува.

Дополнително, понеделник не е популарен затоа што е првиот ден по викендот кој повеќето го поминуваат во уживање и одмор, па тешко им е да се вратат во работно расположение. Во понеделник фризурата е секогаш полоша, сообраќајот повеќе ги нервира луѓето, а болката и заморот се посилни, открива истражувањето.

Нарушен е природниот ритам на телото

Постојат психолошки фактори кои се вклучени во природниот ритам на телото и кои објаснуваат зошто понеделник е толку тежок ден. Главниот проблем е што за време на викендот имаме различен распоред за спиење отколку во остатокот од неделата. Иако дополнителното спиење може да изгледа како добра идеја, менувањето на распоредот за спиење на секои пет дена е всушност заморно за телото. Затоа, повеќето луѓе се секогаш поуморни и имаат помалку енергија во понеделник.

Исто така, најчеста причина што понеделник е толку тежок за луѓето е губењето на чувството на слобода што го имаат за време на викендот. Дури и ако викендите ви се напорни и полни со обврски, секогаш имате време да се опуштите. Кога ќе се вратите на вашиот неделен распоред, губењето на тоа чувство на слобода може да ве оштети емоционално и да го уништи вашето расположение. Ментално е тешко да преминете од одмор и лично време кон обврски и рутина, особено што немате контрола над емоциите, како што објаснуваат експертите.

Многумина се чувствуваат под стрес во понеделник бидејќи не се подготвиле емотивно и логистички за почетокот на уште една недела. Понеделник може да биде дополнително стресен доколку не се подготвите за новата работна недела. Покрај тоа, живееме во култура која често го „прославува“ крајот на неделата и го гледа понеделникот како непријател. Многу вработени го идентификуваат понеделникот со нешто негативно, што ги прави да се чувствуваат уморни и под стрес. Ако работите тргнат наопаку во понеделник, тоа веројатно ќе се одрази на лошата атмосфера во текот на неделата. Многу успешни луѓе го разбираат ова.

Совети за полесно поднесување на првиот работен ден во неделата

Она што можете да го направите за да си го олесните понеделникот е да решите дел од обврските уште во недела навечер. Одвојте неколку часа за да решите дел од наталожените обврски и порелаксирано влезете во новата работна недела.

Исто така, денот се познава по утрото, а работната недела се познава по понеделникот, па доколку сакате секој работен ден да го започнете полни со енергија, одвојте неколку минути за лесно вежбање и истегнување. Без разлика дали се работи за истегнување, јога или трчање, важно е само вашето тело да се движи. Дури и десет минути вежбање ќе бидат доволни за да се разбуди вашиот организам.

Создавањето брз работен план за цела недела ќе ви помогне да ја зголемите ефикасноста. Бидејќи најуспешните луѓе се многу зафатени, нивниот календар е нивниот начин на живот. Некои студии покажуваат дека луѓето се покреативни наутро. Затоа е многу важно најважната задача да ја извршите во понеделник наутро.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот