X
 02.06.2019 Технологија

На „Фејсбук“ нема место за приватност - тврди адвокатот на оваа компанија

Еден ден пред извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, да изјави дека сака да изгради социјална платформа фокусирана на приватноста, адвокатот на оваа компанија потврди дека приватноста всушност не постои на „Фејсбук“.

Орин Снајдер, адвокатот на „Фејсбук“, го кажа ова на сослушувањето за „Кембриџ аналитика“ и крадењето податоци на фејсбук-корисниците.

- Не постои инвазија на приватноста бидејќи нема приватност - изјави адвокатот, обидувајќи се да го убеди судијата да ја отфрли тужбата. Адвокатот тврдеше дека корисниците дале согласност за споделување на своите податоци на трета страна.

Неговиот аргумент се коси со говорот на Закерберг на состанокот со акционерите на „Фејсбук“, каде што вели дека заштитата на приватноста на корисниците е најважна за оваа компанија.

privatnost

- Една од големите теми, за кои ќе се залагаме во наредните 5 до 10 години, е изградба на социјална платформа насочена кон приватноста - изјави Закерберг пред акционерите.

Тој додаде дека „Фејсбук“ во голема мера е јавен, како „дигитален градски плоштад“, но приватноста треба да биде главна точка на стратегиите на компанијата во годините што доаѓаат. Но, еден ден претходно, говорејќи под заклетва пред судија, адвокатот на „Фејсбук“ тврдеше дека со споделувањето информација со голема група на луѓе корисникот го губи правото на приватност.

„Фејсбук“ се соочи со повеќе скандали поради приватноста на корисниците во текот на минатата година, вклучувајќи ја и можноста компаниите да добијат увид во приватните пораки на корисниците. Истовремено, самата големина на „Фејсбук“ и неговиот монопол над социјалните медиуми ги наведе политичарите, па дури и поранешни шефови на компаниите, да го подигнат својот глас. „Фејсбук“ треба да се запре, „Фејсбук“ не смее да прави што сака.

Закерберг сè почесто ја споменува приватноста, дури и кога неговиот адвокат вели поинаку. Минатиот месец, на конференцијата „Ф8“, шефот на „Фејсбук“ ја прогласи иднината за приватна. Тогаш наведе и шест темели врз кои ќе се гради таа приватна иднина. Но, компанијата е во лоша позиција бидејќи приватноста не е исплатлива. Колку повеќе податоци има една компанија за вас, за вашите интереси, вашето однесување и вашето семејство, толку повеќе може да ги користи податоците за да им помогне на огласувачите да ве погодат во најслабата точка.

Корисничките податоци се производ што донесува добар приход од огласувачите. Во случај на „Фејсбук“, станува збор за 16,6 милијарди долари во последното тримесечје од минатата година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија