X
 30.01.2019 Живот

Половина свет е на интернет. Каде се другите?

На светот постојат два вида луѓе - такви што имаат пристап на интернет и такви што немаат. Но, реалноста и не е толку црно-бела колку што се податоците. Луѓето пристапуваат на интернет на различни начини, водени од различни мотиви, а некои завршуваат и на целосно различни делови од овој свет во кој живееме последната деценија. Како што пред 25 година рекол Вилијам Гибсон:
- Иднината е веќе тука, само не е рамномерно распределена.

Ова било лесен процес за развиениот свет, во кој поврзувањето започнало во текот на 90-тите. Во еден момент бил забележан раст на корисниците од речиси 20 отсто. Во 2000 година само три земји имале ниво на користење на интернет над 50 отсто. Сега се повеќе од 100.

15 земји бележат помалку од 10 отсто достапност на интернет, а во другите 50 земји поврзаноста е помала од 30 отсто. Донесувањето на овие луѓе на интернет ќе биде многу потешко. Големите технолошки компании се обидуваат, но нивниот пристап често покажува дека интернетот во развиениот свет зависи од неколку работи што придонесуваат за развој и ги збогатуваат светските мрежи.

И „Фејсбук“ сфати дека постои голем дел од светот без интернет, не затоа што го немаат, туку затоа што немаат пристап до него - не можат да купат мобилен уред, да потпишат договор и преку мобилниот да сурфаат. Затоа, „Фејсбук“ почна да плаќа за нив. Програмата „Фри Бејсикс“ нуди бесплатен интернет во 22 земји, со ограничен пристап на 20 веб-страници, меѓу кои „Википедија“, „Аку Ведр“ и секако, „Фејсбук“.

internet
Фото: Pixabay


Така, преку оваа програма 100 милиони луѓе имаат интернет. Но, ова не беше работа без проблеми, па дури и критики. Во повеќето земји во кои програмата беше најуспешна интернетот се најде на второ место по користење, зад „Фејсбук“, кој цврсто и стабилно го држи првото место.

Во 2014 година речиси секој корисник на интернет во Нигерија и во Индонезија користел „Фејсбук“, а некои дури и изјавиле дека користат само „Фејсбук“, а не и интернет. Токму тука „Фејсбук“ донел и низа проблеми, како што е етничкото насилство во Мјанмар, во кое, како што откриле ОН, дезинформациите што се ширеле на „Фејсбук“ ја влошиле состојбата во земјата. Имало религиозно насилство во Индија каде што преку „Вацап“ се ширеле злобни шпекулации побрзо од вистинитите вести.

Интернетот не се разликува само во земјите што зависат од „Фејсбук“ за пристапот, туку и во земјите во кои интернетот е раширена појава. Така, разлики постојат и помеѓу Велика Британија и САД, па и кога станува збор за пребарувачите. Иако и двете земји го користат „Гугл“, тој е попопуларен во Велика Британија, додека во САД повеќе се користи „Јаху“, каде што има трипати поголем удел отколку што има во Велика Британија.

Во случај на развиените земји со висок пристап на интернет, искуствата можат да бидат различни. Така, во Германија „Мозила Фајрфокс“ беше пребарувач број 1 до мај минатата година, а сега се наоѓа на второто место со 27 отсто користење. Тоа носи многубројни фундаментални разлики што произлегуваат од употребата на различни технологии, презентирани во различни прозорци и екстензии.

Во рамките на доминацијата на „Фајрфокс“, Германија има и високо ниво на блокирање на рекламите - речиси една третина од персоналните компјутери користат „ад блокери“.

Тешко е да се процени каде е границата зад која интернетот каков што го познаваме е сосема различен, но сигурно дека зад неа се наоѓа Кина. Строгиот режим на филтрирање, цензура, им овозможи на кинеските компании да се развиваат и да го користат пазарот што не е интересен за технолошките компании од Силициумската долина. Така, постои кинескиот „Гугл“ - „Баиду“, кинескиот „Амазон“ - „Алибаба“, кинескиот „Твитер“ - „Веибо“ и кинескиот „Фејсбук“ - „Тенсент“.

„Тенсент“ има речиси ист број корисници како „Фејсбук“, „Веибо“ има 100 милиони повеќе од „Твитер“, а „Алибаба“ и „Баиду“, иако не го достигнале нивото на нивната конкуренција, израснаа во гиганти. Нивниот успех помогна да се прошири филтрацијата на содржините и во другите земји. Кинескиот пример е всушност успешен потег - да се одржува цврста рака над контролата на информациите, храната што населението ја добива и да се развива успешноста на сопствените, домашни компании.

И Русија има сопствена верзија на „Гугл“ - „Јандекс“ и „Фејсбук“ - „ВКонтакте“, а по сличен пат тргнаа и Турција и Куба.

Не е јасно што лежи во застојот на растот на интернетот. Можеби она што било лесно да се обработи е направено, оставајќи ги регионите и демографијата што се тешки за пристап. Која и да е причината, да се биде онлајн не е крајот на процесот: за многумина, тоа е само почетокот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот