Вистински музички спектакл се случи на сцената на „Долни сарај“ во Охрид, каде пред повеќе од 1.000 посетители се одржа премиерата на проектот NUMB - Tribute to Pink Floyd.
„Долни сарај“ беше претесен да ги прими сите заинтересирани кои дојдоа да уживаат во музиката на одбраната група охридско-струшки музичари. Зад проектот стои екипа од 11 членови кои изминативе 7-8 месеци напорно работеа и го подготвуваа материјалот.
Публиката во еден глас ги пееше „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 безвременски хитови на култните Pink Floyd.
Ѓоко Танески ги пее вокалите, Анатоли Aрнаудоски (гитара), Димитри Алчев (гитара и вокал), Владимир Кречоски (бас гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Никола Јосифоски (клавијатури), Горан Папаз (саксофон) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали.
Според реакциите на посетителите, станува збор за врвен музички производ и дефинитивно еден од настаните кои ќе го одбележат ова лето во Охрид.