Дали нашите родители воопшто не' сакаа кога ни дозволуваа работи кои ние денес ги сметаме за непогодни или пак сето тоа така го перципираме бидејќи светот се менува?
Неверојатно е тоа колку реалноста се променила, бидејќи ако погледнеме што се' ние сме преживеале, а што не им дозволуваме на нашите деца, навистина мора да се запрашаме дали денес сме толку луди од паника или навистина дојде некое лудо време кога овие работи станаа непогодни. И всушност, дали работите драстично се променија, дали се променивме ние или пак денес сме нешто попаметни од нашите родители? И дали навистина е потребно да се прави толкава паника за нешто што нашите родители ни го дозволуваа?
Седишта за во автомобил
Кога денес гледаме низ албумите, не можеме а да не се насмееме на пеглата која нашиот татко ја возеше и како ние безгрижно ѕиркаме од совозачкото седиште. Вакво нешто воопшто не е често во денешно време кога децата мораат да седат во нивните седишта.
Кутија цигари
Секако дека денес не смее ни да се помисли детето да стави цигара в уста, но присетете се како некогаш се пушело. Чад насекаде, па дури и во болниците - а пушеа сите, од бремени жени па се' до доктори. Единствени луѓе кои не пушеа беа оние кои се обидуваа да престанат.
Децата во училиштата, исто како и денес, учеа за опасностите од пасивното пушење но никој не се грижеше за тоа бидејќи немаше место каде можевме да се скриеме од чадот. Дури и научивме да броиме со оглед на тоа што постојано им купувавме цигари на нашите родители.
Играње надвор
Играњето надвор за нас беше нешто без кое не можевме да живееме. Забавно ни беше да се качуваме по лизгалките, да прескокнуваме пречки и наопаку да висиме од црешата на соседот. На нашите родители им беше чудно ако не излезевме надвор. Денес родителите не можат да ги натераат децата да излезат надвор, а чудно им е ако некое од нив се врати со крваво колено.
По цел ден бевме надвор, а на нашите родители не им паѓаше на памет дека некој не' киднапира. Секогаш самите себеси се пронаоѓавме и безбедно пристигнувавме дома.
Имаш 7 години - грижи се за себе
Со самото тоа што детето започнуваше на училиште родителите сметаа дека може да се грижи за себе. На седум години не само што имавме клуч за некогаш евентуално да го искористиме, туку и секој ден пред или после училиште ние бевме препуштени на самите себеси. Се знаеше - детето на седум години веќе знае да си направи да јаде - да сече/намачка леб/салама, да испржи јајца, да го затопли ручекот, да биде само дома неколку часа. И секако, истото ова важеше и за домашните задачи. Самите си ги пишувавме домашните задачи - нешто што денес е незамисливо за голем дел од децата и родителите.
На 12 години си способен да бидеш дадилка
Оној кој имаше 12 години се сметаше за полнолетен и не само што можеше туку и мораше да се грижи за својот помлад брат/сестра. Некои деца оваа улога ја наследуваа уште на 10 години и воопшто не се сметаа за премлади. Секако, ова не ни беше по волја, меѓутоа се знаеше дека мора да го направиме.
Крема, што е тоа?
Денес децата од мај до крајот на септември се намачкани со крема за сончање со заштитен фактор 100, иако на сонце поминуваат максимум еден или два часа. Некогаш беше обратно - на сонце поминувавме максимално, а кремата на нас траеше околу еден час.