X
 02.08.2024 Наша тема

Полагал и по 10 предмети во сесија: Дамјан Бужаровски паралелно студирал два факултета и две магистерски студии

Го поврза тешко споивото - економијата и историјата. Истражувајќи ја семејната лоза, открил дека семејството му е поврзано со Симон Бундалевски, кој ја изградил првата термоцентрала во Битола и го осветлил градот, како и со Партенија Зографски и Ѓорѓија Пулевски.

Студирањето на два факултета е голема предност бидејќи ги проширува видиците и знаењата на студентот, отворајќи му поголеми можности и перспективи, вели Дамјан Бужаровски кој паралелно студираше на Економскиот факултет и на Институтот за историја при УКИМ, а потоа напоредно на двете места посетуваше постдипломски студии. 

Веќе е магистер по монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет – Скопје, а ги даде испитите на постдипломските студии по историја на Филозофскиот факултет во Скопје и почна подготовка на втората магистерската теза. Тој во своите истражувања и објавени трудови се обидува да ги поврзе економијата и историјата, кои изгледаат како две далечни дисциплини, а всушност имаат многу заеднички точки. Впрочем, во западните држави на факултетите имаат посебни насоки на кои се изучува исклучиво економската историја.



На Историја дипломира за 3 години со просек 10

- Најпрво станав студент на Економскиот факултет во 2017 година, а во 2020 година паралелно се запишав и на Институтот за историја на Филозофскиот факултет - Скопје. Во 2021 година дипломирав на Економски и веднаш започнав со магистерски студии на истиот факултет. На Филозофски факултет дипломирав во 2023 година, за три наместо за предвидените четири години со просек 10 и веднаш потоа се запишав и на магистерски студии на овој факултет - вели Бужаровски.

Годинава тој магистрира на постдипломски студии по монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет – Скопје на тема „Монетарна економија на османлиска Македонија, спојувајќи ги економската и историската наука. Стана постдипломец на Филозофскиот факултет во 2023 година на насоката Историја на Македонија во новиот век, а веќе го започна истражувањето за магистерската теза.

Не учел кампањски пред испити, туку редовно по предавањата

- Студирањето на два факултета изгледа како голем предизвик. Тоа носи повеќе обврски, но со добра организација на денот сè се постигнува и имам доволно време да си посветам и на себе и на блиските. Никогаш не учев кратко време пред испит, туку редовно по предавањата, така што кога ќе дојдеше испитот, доволно беше само да го повторам материјалот. Гледав да одбегнам полагање во ист ден на два предмети од различни факултети, бидејќи ќе ми беше премногу напорно. Вообичаено во еден семестар слушав по 9 до 10 предмети, на двата факултета заедно. Притоа гледав да ги распоредам испитите за да не ми се случи да се совпаднат. Меѓутоа, неколку сесии ми се случи да одлучам да ги полагам и да ги положам сите девет или десет предмети во една сесија. Тоа ми беа всушност и најтешките искуства - вели Бужаровски.

Тој нескржаво двои време и за вклученост во студентските организации. Беше член на Наставно-научниот совет од редот на студентите, а последните две години и претседател на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет, а со тоа и член на Деканатската управа на факултетот.



- Посебна формула за успех немам. Пред сè, тука се мотивот, желбата и љубовта кон тоа што го правам. Доколку се има желба и љубов, може да се постигне, колку и да ни изгледа недостижно – вели тој.

Историјата нѐ учи да не грешиме во економијата

Уште од основно училиште му се појавил интерес за изучување историја. Како што растел, почнал да чита книги со историска тематика и сѐ повеќе навлегувал во тајните на историската наука. Со цел уште повеќе да ги прошири знаења и да го научи критичкото толкување на историските факти, одлучил да се запише на Филозофскиот факултет. А Економскиот факултет, насоката Сметководство и ревизија, го избрал повеќе по наговор на родителите. Но како што навлегувал во економската наука, така и таа разбудила интерес кај него.

- Економијата и историјата имаат многу заеднички работи. Многу економски настани во минатото оставиле големи последици врз историјата и историските процеси. Изучувањето на економската историја е стожер не само за објаснувањата на економските процеси, туку воопшто и за целокупното општеството. Неодамна напишав и статија за оваа тема, за политиката на замрзнување на цените за која многу слушавме во последно време кај нас. Оваа политика била употребувана во минатото, пред повеќе столетија од страна на Османлиската Империја за справување со инфлацијата, но на долг рок се покажала како неуспешна и оставила долгорочни негативни последици. Оттука, доколку не се познава доволно историјата или во случајот економската историја, тоа ќе нѐ доведе до погрешни одлуки - вели Бужаровски.

Најголем интерес има за истражување на историјата на османлиска Македонија. Тој напиша и научен труд за афионот, кој во минатото имал големо значење за економијата на османлиска Македонија, бил многу попрофитабилен од другите култури што се одгледувале.



Не сонува да замине во странство, ќе остане и ќе придонесува за Македонија

Презимето Бужаровски е малку специфично, по потекло е од Галичник и најверојатно доаѓа од зборот бужар кој во минатото се користел во галичкиот дијалект и значел горд човек. Бужаровски има објавено две монографии кои се посветени на неговото семејно стебло.

- За моето семејство успеав да најдам податоци за осум генерации наназад, а за некои семејства од кои имам потекло и до десет генерации. Од едно од семејствата потекнуваат значајни личности за македонската култура и историја, меѓу кои е Симон Бундалевски, кој во 1924 година во Битола ја изградил првата термоцентрала и со тоа го осветлил градот. Потоа ова семејство е поврзано и со Партенија Зографски, а истражувајќи успеав да најдам податок и дека роднински сме поврзани и со Ѓорѓија Пулевски - вели Бужаровски.

Во следниот период планира да ги заврши магистерските студии на Филозофскиот факултет, па да докторира. Не планира да замине во странство, туку да остане да работи во родната земја. Уште не се вработил зашто досега беше посветен на учењето и истражувањата.



- Не се гледам себеси во странство и во иднина се гледам во Македонија. Да, многу од младите заминуваат во странство барајќи подобри услови, но јас сум одлучен да останам тука и сакам да придонесувам во нашата држава за да ја направиме подобро место за сите нас - вели Бужаровски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема