X
 07.09.2018 Образование

Магистерски студии по корпоративен финансиски менаџмент на Економскиот факулет - Скопје

Корпоративниот финансиски менаџмент е нова програма на втор циклус студии на Економскиот факултет – Скопје, чија цел е на студентите да им обезбеди комбинација од знаења од областа на деловната стратегија и финансиите. Таа претставува одговор на барањата на студентите и на согледаната потреба на нашиот едукативен простор да се понуди студиум кој на продлабочено ниво ќе се осврне на управувањето со финансиите на компанијата низ призмата на нивниот ефект врз создавањето долгорочна вредност.

Оваа програма дава можност за осознавaње на техниките и моделите што се применуваат во финансиското и стратешко донесување одлуки и кои ја јакнат стратегиската конкурентска позиција на компанијата. Корпоративните директори често се соочуваат со проблеми кои имаат важни финансиски последици за нивните компании. Во исто време, финансиските менаџери често донесуваат одлуки со важни стратешки последици. Важноста да се биде добро обучен за финансии и менаџмент е особено очигледна во современото динамично деловно опкружување.


Оваа студиска програма е внимателно структурирана со цел да ги задоволи образовните потреби на магистрандите кои почнале или сакаат да започнат да градат кариера во оваа професија и да ги развијат своите знаења и да стекнат специфични вештини во областа на корпоративниот финансиски менаџмент. Токму една ваква програма која е комбинација на предмети од доменот на менаџментот и финансиите ги јакне компетитивните предности. Преку широката понуда на изборни предмети, студентите на овој студиум имаат можност самостојно да го градат сопствениот стручен профил, со што би си обезбедиле подобро сопствено позиционирање на пазарот на трудот.

Што можете да работите?

Магистрираните студенти на програмата по корпоративен финансиски менаџмент типично развиваат кариера во доменот на финансискиот менаџмент, корпоративни менаџери на различни нивоа, осигурување, сметководство, различни видови финансиски услуги, како и поврзани сектори во економијата кои бараат длабоко познавање на практиките во финансиите и менаџментот.


Студиската програма по корпоративен финансиски менаџмент е дизајнирана, пред сѐ, за индивидуи кои аспирираат да постигнат раководни позиции во улога на финансиски менаџери, финансиски аналитичари, менаџери контролори, менаџери на благајна, менаџери на ризик и осигурување, инвестициски аналитичари, и уште широк спектар на финансиски професионалци во бизнисите. Тоа е затоа што оваа програма обезбедува знаење кое е неопходно за остварување на професионални финансиски менаџери на сите нивоа во организацијата.

При дизајнирањето на оваа студиска програма беа следени исти студиски програми на најреномираните европски и светски универзитети рангирани во првите 50 најдобри факултети за бизнис според Шангајската листа, како и според реномираниот Financial Times.

Програмата дава можност за мобилност и остварување студиски престои на странски универзитети според програмите за мобилност што постојат на Економскиот факултет - Скопје.
На едногодишните студии по корпоративен финансиски менаџмент можат да се запишат студенти кои завршиле четиригодишни додипломски студии или завршиле студиска програма од прв циклус студии според ЕКТС со 8 семестри или најмалку 240 кредити.
За да го добијат звањето магистер, студентите треба да положат седум предмети и да изработат магистерски труд. Програмата се состои од три задолжителни предмети, три изборни предмети од факултетската листа и еден изборен предмет од универзитетската листа.

Задолжителни предмети:

• Корпоративна финансиска стратегија (Corporate Financial Strategy)
• Стрaтегиски менаџмент (Strategic Management)
• Напреден финансиски менаџмент (Advanced Financial Management)


Изборни предмети:

• Спојувањa и аквизиции помеѓу компаниите (Mergers and Acquisitions)
• Менаџмент на корпоративните ризици (Corporate Risk Management)
• Меѓународен финансиски менаџмент (International Financial Management)
• Корпоративно управување (Corporate Governance)
• Бизнис-етика (Business Ethics)
• Сметководство на менаџментот и контрола (Management Accounting and Control)
• Економска анализа за бизнис-лидери (Economic Analysis for Business Leaders)
• Квантитативни методи за финансиски менаџмент (Quantitative Methods for Financial Management)
• Финансиска економетрија (Financial Econometrics)
• Менаџмент во осигурување (Insurance Management)
• Финансирање претприемачки бизниси (New Ventures Funding)

Уписот за новата учебна година почнува на 10 септември и ќе трае до 10 октомври.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование