Пријавувањето студенти во прва година на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола во првиот уписен рок заврши успешно, со над 1.000 кандидати, бројка што го потврдува интересот за студирање на УКЛО и говори за благо покачување во споредба со минатогодишните уписи.
Надлежните од УКЛО потврдуваат дека уписите се одвивале непречено и според Конкурсот. Оттаму оценуваат дека долгогодишната конзистентност во водењето на уписната политика, како и солидниот избор на атрактивни студиски програми, го дава очекуваниот резултат во првиот уписен рок.
УКЛО ќе реализира уште два уписни рока и тоа вториот на 13 и 16 септември, а
третиот на 24 септември.
Според Конкурсот за упис на нови студенти на додипломски студии, во академската 2019/2020 година на УКЛО има вкупно 2.935 места: 1.575 во државна квота, 820 со кофинансирање и 540 за вонредни студии.
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, покрај тоа што во новата академска година доделува 110 уписнини, исто така ја продолжува и политиката за поддршка на студентите во повеќе сегменти од нивното студирање. Станува збор за многубројни можности за стипендии, соработка со опкружувањето – компаниите, бизнис и небизнис-секторот, а особено со понуда
за студентска мобилност и размена во повеќе од 100 универзитети со кои се потпишани договори во рамките на најголемата европска Еразмус+ програма.