X
 02.10.2018 Технологија

Калифорнија усвои закон за интернет-неутралност

Гувернерот на американската сојузна држава Калифорнија, Џери Браун, го потпиша законот со кој во државата, каде што е срцето на американската интернет-индустрија, ќе се спроведува законот за интернет-неутралност. Ова е негов одговор на одлуката на американската Федерална комисија за комуникации, која ја отфрли регулативата со која во минатите години се определуваше задолжителна интернет-неутралност на територијата на САД.

Концептот на интернет-неутралност означува дека интернет-компаниите не смеат да им нудат повластени пакети на одредени интернет или медиумски компании и мора на сите да им понудат еднакво брз интернет. Поддржувачите на оваа идеја велат дека со неа ќе се спречи замолчувањето на одредени медиумски компании. Телеком-компаниите, пак, се против оваа регулатива велејќи дека таа ќе го наруши нормалното функционирање на пазарот, како и одредувањето на цените преку понудата и побарувачката.

Републиканските конгресмени, кои се во опозиција во собранието на Калифорнија, го критикуваа законот велејќи дека со него може да се случи секоја од одделните американски држави да носи свои правила за регулирање на интернет-комуникацијата, што ќе доведе до дополнителни проблеми на пазарот.

Американскиот Секретаријат за правда одговори на овој закон со итна тужба против Калифорнија, при што судовите ќе решат дали новиот закон е во согласност со Уставот на САД.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија