X
 01.09.2018

Зошто имало толку многу сериски убијци во Северна Америка во 1980-ите?

Во текот на повеќе од три децении кон крајот на 20 век имало пораст на бројот на сериски убиства во Северна Америка. Еден историчар прашува дали пустошењата од Втората светска војна се фактор кој го предизвикал тоа.

Питер Вронски почнал да се интересира за сериските убијци кога на 23 години налетал на еден во лифт. Тоа се случило во 1979 година кога канадскиот историчар бил во Њујорк на службено патување. Тој со нетрпение го чекал лифтот кој бил задржан на четвртиот кат од запуштениот хотел и бесно го погледнал човекот кој го удрил по рамото додека излегувал од лифтот кој конечно стасал до лобито.

-Тој како да погледна преку мене. Изгледаше како да е зашеметен. Како да не беше целосно таму - вели Вронски.


Питер Вронски
Фото: BBC

Следното утро Вронски прочитал за страшно двојно убиство и касапење кое се случило во хотеллот претходниот ден. Дури по една година, кога ја видел насловната страница на еден весник на која имало вес за апсењето и судењето на Ричард Котингам, Вронски кончно сфатил дека „Касапот од Тајмс Сквер“ и човекот во лифтот се едно исто лице. Тогаш во него се разбудила љубопитноста и сакал да дознае нешто повеќе за таквите луѓе.

Средбата на Вронски со Котингам се случила во период кога имало кулминација на сериски убиства во Северна Америка. Податоците собрани од неколку истражувачи посочуваат на пораст на бројот на сериски убиства кој почнува кон крајот на 1960-ите, кулминира во 80-ите (кога имало најмалку 200 такви убијци кои оперирале само во САД) и се намалува во текот на следните две децении.

Криминологот Џејмс Алан Фокс вели дека зголемувањето на броојот на сериски убиства во тој период најверојатно има неколку корени.

Прво, тој период се совпаѓа со генерално интензивирање на насилниот криминал во САД и Канада. Општеството во тоа време минувало низ големи промени - луѓето се селеле повеќе и имало помала веројатност да ги познаваат соседствата. Автостопирањето било почесто, а со тоа на убијците им било полесно да најдат ранливи жртви.

Исто така, детектирањето на криминалот губело чекор. Полицијата немала опсежни компјутеризирани бази на податоци кои би можеле да им помогнат да ги поврзат сличните убиства. ДНК не се користела за форензички цели дури до средината на 1980-ите, па тоа било уште еден отежнувачки фактор за детективите.

Фото: BBC

Канадскиот криминолог Мајкл Арнтфилд вели дека полицијата во тоа време била во ситуација која била надвор од нивните способности кога станувало збор за борбата со се поголемиот број на сериски убиства и истражувањата околу ваквите видови на убиства биле во зародиш. Терминот „сериски убиец“ бил составен дури на почетокот на 1980-ите.

Други фактори за кои се вели дека придонеле за ваквата ситуација се медиумите и фасцинирањето на јавноста од сериските убиства, со што се создавало ефект на снежна топка (процес кој започнува од нешто со мала значајност, а потоа се зголемува); развојот на системот на меѓудржавните автопатишта, кој на некои убијци им давал можност да лутаат и убиваат; а придонела и изложеноста на олово од горивата, за која има докази дека предизвикува проблеми во однесувањето и зголемување на нивото на криминал.

Вронски има и друга хипотеза. Тој верува дека подемот на бројот на сериски убијци во Северна Америка во доцниот 20 век може да влече корени од пустошењата во текот на Втората светска војна и децата на мажите кои се враќале од бојните полиња во Европа и Пацификот.

Вронски ги разгледувал детствата на убијците.

-Сериските убијци доаѓаат од нашето општество. Ова не се вонземјани кои пристигаат од друга планета. Тие се деца кои израснале во сериски престапници - вели тој.

Вронски сфатил дека многумина од сериските убијци биле деца во текот на Втората светска војна и годините по нејзе. Тоа е време кога психолошкото влијание на глобалниот конфликт и неговата бруталност не се дискутирало.

Според Вронски, многу од убијците од тој период не зборувале за нивните татковци, но оние кои зборувале, велеле дека тие од војната се враќале во истрауматизирана состојба.

Секако многу луѓе кои се враќале од војна станале одлични родители, децата на истрауматизираните луѓе пораснале во здрави возрасни лица, како и многу деца од растурени семејства.

-Тоа е коктел од нешта, никогаш не е едно нешто - вели Вронски.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk