X
 08.11.2019 Наша тема

Кучињата што никој не ги сака тука, Тања и Вики ги носат во САД. Им нашле дом на повеќе од 20

Вики ги наоѓа бездомните кучиња во Скопје, ги лекува, им дава љубов и внимание во нејзиниот стационар и потоа ги испраќа во САД, каде што Татјана веќе им нашла дом

Активистките за заштита на правата на животните - Вики Димитрова и Татјана Димовска ги здружија силите и успешно транспортираа повеќе од 20 бездомни кучиња од Македонија во САД.
Вики ги наоѓа бездомните кучиња во Скопје, ги лекува, им дава љубов и внимание во нејзиниот стационар и потоа ги испраќа во САД, каде што Татјана веќе им нашла дом. Ова се главно кучиња со некаков хендикеп или постари кучиња кои никој не сака да ги удоми во Македонија.
Но, американските фамилии немаат никакви предрасуди, па кучињата завршуваат во семејства во кои ќе добијат многу внимание.
- Кучињата што завршуваат кај мене речиси секогаш биле на работ на смртта кога сум ги нашла. Фрлени на пат, удрени од автомобил, болни... Со сите сили се трудам да ги оздравам. Потоа Татјана се ангажира во САД да им најде дом, па го организираме транспортот. Карта за куче чини околу 300 долари, но мора да има придружник, па често замолуваме наши пријатели што одат натаму да ни излезат во пресрет. Картата ја плаќаат оние што удомуваат или ја обезбедуваме преку донации - раскажува Вики.


Вики Димитрова

Со Татјана (нашата позната пејачка Тања Станковиќ), која сега живее во САД, всушност се запознале благодарение на кучињата и заедничката страст да им помагаат. Татјана удомила дури три кучиња од Вики и ги однела во САД.
- Така почна сѐ. Тања зеде едно куче, се викаше Лили, кое долго време го лекувавме. Тања го зеде, живееше убаво уште три години кај неа, но за жал почина. Па потоа удоми уште две кучиња - Зара и Бјанка. Но, заедно сфативме дека можеме да им помогнеме на уште многу кучиња - раскажува Вики.
Последните кучиња што ги испратиле во САД се Алтан и Лиса, кои биле згрижени кај Вики кога имале само еден месец.
- Три години се грижев за нив во мојот стационар и сакав да им најдам соодветен дом. Ниту едно куче не го удомувам колку само да е удомено. Барам згрижувачи соодветни за секое куче. Некои може да живеат во стан, некои не можат. Алтан и Лиса се сместени во едно исто семејство. Не ни сакаа да ги разделат кога ја слушнаа нивната приказна. Луѓето надвор имаат голема емпатија за кучињата. Инаку, овие кучиња глумеа во филм на Тамара Котеска. Работата си ја завршија како вистински професионалци. Лиса имаше една од главните улоги, по 11 часа поминуваше на сет - раскажува гордо Вики.

Видео од Лиса и Алтан/ Јутјуб

Моментот на разделба со кучињата ѝ е многу трауматичен. Вели дека на скопскиот аеродром веќе ги научиле.
- Плачам секогаш кога ги испраќам, но знам дека е за нивно добро. Среќна сум ако некој ги сака барем приближно колку јас. Инаку, мора да потенцирам дека останувам во контакт со семејствата што удомиле, па добивам слики, видеа. Ми пука срцето од радост кога ќе ги видам кучињата среќни.
Вики има свој шелтер-центар во скопско село во кое има 30 кучиња. Функционира од донации.
- Ми донира мојата ќерка, потоа Тања, тек-тук некој пријател. Соработувам со Марти Хоуџ и Линда Рентон, кои имаат свои организации, и да не ја заборавам мојата пријателка Сабин Вимер, која ми помага колку што може. Никогаш немам константна донација и секогаш се борам за храна - вели Вики.



На Вики често ѝ го поставуваат прашањето зошто Американците удомуваат кучиња од Македонија кога нивните шелтери се преполни со кучиња. Еве што вели таа:
- Во шелтерите во Америка кучињата имаат многу подобри услови за живот, храна, нонстоп се под ветеринарен надзор, вакцинирани се и стерилизирани. Благодарение на нас, кои ја презентираме реалната состојба на животните кај нас за тоа како се измачувани на улица, одлучуваат да спасат животно оттука. Само кај нас се пука по кучиња и мачки, се убиваат со секири и се трујат - вели Вики.
Ја прашуваме зошто го прави ова?
- Отсекогаш сум сакала животни. Сакам да ги спасувам. Имаше периоди кога во мојот дом чував повеќе од 13 кучиња. Но, тоа им пречи на соседите, па затоа решив да земам еден простор за шелтер-центар за кој плаќам кирија. Сѐ што имав заштедено го вложив таму. Не можам да одминам болно и немоќно куче, едноставно не можам да ги оставам, тоа е посилно од мене.



Вики смета дека перцепцијата кај народот за бездомните животни и општо за животните не може да се промени преку ноќ.
- Мора да се работи со децата кога се мали, со новите генерации. Важно е кај нив да се роди таа емпатија кон животните.



Испраќањето на Мајда

За третманот на бездомните животни во Македонија, вели дека никогаш не била за него, но дека моментално нема подобар избор.
- Ние немаме еден стационар со добри стандарди. Кучињата треба да се лекуваат, да бидат на топло, најдени, па такви, третирани да се удомуваат. Но, бидејќи бројката на нестерилизирани кучиња расте, мора и ова да се прави. Има кучиња што прават проблеми, но не по своја вина. Тие се малтретирани, исплашени, тепани, па едноставно се бранат. Градот Скопје во моментов ништо не презема за да ги заштити животните. Мора да се изгради добар стационар, да работи како што треба. „Улови, стерилизирај, врати“ е програма која функционира во многу земји. Но, во земји во кои има емпатија кон животните - завршува Вики.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема