X
 02.10.2019 Наука

Бактериите го менуваат обликот во човечкото тело за да ги избегнат антибиотиците

Големата употреба на антибиотици се наведува како главен виновник за појавата на бактерии отпорни на антибиотици, што моментално е една од најголемите закани за глобалното здравје. Не само што резистентноста на антибиотици веќе се проценува дека предизвикува 700.000 смртни случаи годишно, туку и го отежнува лекувањето на многу инфекции, вклучително и пневмонија, туберкулоза и гонореја.

Ако не знаеме како може да се запрат бактериите да не развиваат резистентност на антибиотици, се предвидува дека болестите што може да се спречат би можеле до 2050 година да предизвикаат 10 милиони смртни случаи годишно.

Некои од начините на кои бактериите стануваат резистентни на антибиотици е преку промени во геномот на бактеријата. На пример, бактеријата може да го исфрли антибиотикот или може да го ослаби. Бактериите може и да престанат да растат и да се делат, што прави имунолошкиот систем потешко да ги забележи.

- Сепак, нашето истражување се фокусира на друг малку познат метод кој бактериите го користат за да станат резистентни на антибиотици. Директно покажавме дека бактериите можат да го менуваат обликот во човечкото тело за да го избегнат таргетирањето од антибиотиците - процес кој не бара генетички промени за бактеријата да продолжи да расте - истакнува Катарзина Микиевич од Универзитетот во Њукасл, Англија.

Виртуелно сите бактерии се опкружени со структура наречена клеточен ѕид. Тој е како јакна која ги штити од стрес од околината и не дозволува клетката да распука. Ѕидот ѝ дава и одредена форма на бактеријата и ѝ помага да се дели ефикасно.

Човечките клетки немаат клеточен ѕид и затоа е лесно за имунолошкиот систем да ја препознае бактеријата како непријател, затоа што нејзиниот ѕид е лесно забележлив. И поради тоа што бактеријата има клеточен ѕид, но човечките клетки го немаат, бактериите се одлични мети за некои од нашите најдобри и најчесто користени антибиотици. Со други зборови, антибиотиците што го таргетираат ѕидот можат да ја убијат бактеријата без да ни наштетат.

Сепак, бактеријата некогаш може да преживее и без клеточниот ѕид. Ако условите во околината можат да ја заштитат бактеријата од пукање, таа може да се претвори во таканаречена „Л-форма“, односно бактерија без клеточен ѕид. Овие бактерии биле откриени во 1935 година од страна на Еми Клинебергер-Нобел, која ги именувала по институтот „Листер“, каде што работела во тоа време.

Во лабораторија често се користи шеќер за да се создаде соодветно заштитна околина. Во човечкото тело оваа промена обично е поттикната од антибиотиците кои ги таргетираат клеточните ѕидови на бактеријата или одредени имунолошки молекули.

Бактериите без клеточен ѕид често стануваат слаби и ја губат нивната форма. Сепак, тие исто така стануваат и делумно невидливи за нашиот имунолошки систем и целосно резистентни на сите видови антибиотици што го таргетираат клеточниот ѕид.

Научниците долго време се сомневаа дека префрлањето во Л-форма може да придонесе за враќање на инфекциите така што им помага на бактериите да му се сокријат на имунолошкиот систем и да станат резистентни на антибиотици. Сепак, беше тешко да се најдат докази за оваа теорија поради неуловливата природа на Л-формите и недостигот на соодветни методи за нивно детектирање.

Новата студија објавена во „Нејчр комјуникејшнс“ се осврнува на бактериските видови поврзани со враќање на инфекциите на уринарниот тракт. Резултатите покажале дека многу различни видови бактерии, меѓу кои е и ешерихија коли, можат да преживеат како Л-форми во човечкото тело. Ова никогаш порано не било докажано.

Научниците успеале да ги детектираат бактериите со користење флуоресцентни сонди кои можат да препознаат бактериолошка ДНК. Тие тестирале примероци од урина од постари пациенти со повторени инфекции на уринарниот тракт така што ги растеле во Петриев сад со шеќери. Не само што оваа околина ѝ помогнала на бактеријата да не пукне, туку и ги изолирала бактериите со Л-форма кои биле присутни во примероците. Во одделен експеримент тие можеле да видат како целиот процес се одвива во живи ембриони на риба во присуство на антибиотици.

Студијата покажа дека антибиотиците треба да се тестираат во услови кои се слични на оние во човечкото тело. Комбинирањето на антибиотиците што ги напаѓаат клеточните ѕидови со оние што би ги убиле Л-формите може да е едно решение во борбата против инфекциите отпорни на антибиотици.

- Нашата битка со бактериите продолжува. Како што ние смислуваме нови стратегии за да се бориме со нив, тие тие се појавуваат со нови начини да го возвратат ударот. Нашата студија нагласува уште еден начин на кој бактериите се адаптираат, а кој ќе треба да го земеме предвид во нашата битка со заразните болести - заклучува Катарзина Микиевич од Универзитетот во Њукасл.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука