X
 02.10.2020 Образование

Царовска: Најавите за бојкот на наставата се неодговорни

Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека најавите за бојкот на наставата се неодговорни и дека сите носиме одговорност за заштита на јавното здравје. Таа вели дека во исклучително посебни услови, во време на пандемија, успешно ја стартувавме учебната година, така што дел од учениците наставата ја посетуваат со физичко присуство, под посебни протоколи, а дел следат од далечина.

- Има комисија која навистина си ја знае работата поврзана со епидемиолошката состојба. Ако таа вели дека нашето јавно здравје е заштитено само на овој начин, а одлуките се базираат на факти, јас ги почитувам и барам од сите родители, сите ученици, сите директори, сите градоначалници, да ја следиме нивната препорака, да ги следиме нивните одлуки, зашто само така можеме да се одржиме на ова ниво и понатаму да го намалуваме бројот на заразени во нашата држава. Сѐ што ќе значи непочитување на нивните одлуки го носи во ризик нашето здравје, здравјето на сите наши најмили и тоа не е само флоскула, тоа се животи, тоа се нечии мајки, тоа се нечии татковци, тоа се нечии баби, тоа се нечии дедовци. Да не ги ризикуваме животите на нашите најблиски, сакајќи на неконструктивен начин да покажеме незадоволство - изјави денес Царовска, одговарајќи на новинарско прашање.

Таа повторно нагласи дека ова не е ситуација во која се наоѓаме затоа што сакаме, туку затоа што мораме и затоа треба да се носиме со ситуациите што се пред нас со достоинство.

Инаку, од дебарската гимназија „28 Ноември“ најавија дека нема да ја почитуваат одлуката на комисијата за одржување онлајн-настава и од понеделник ќе започнат со настава со физичко присуство. Револтот за настава на далечина го изразија родителите на учениците од предметна настава во Основното училиште „Св. Климент Охридски“ во с. Миравци, Општина Гевгелија, како и родителите од Основното училиште „Борис Трајковски“ од с. Моноспитово, Струмичко.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование